Загадувањето на Тетово удри по здравјето на младите, а властите си спијат зимски сон – ММС
ММС

Објавено на: 12/20/21 3:15 PM

Загадувањето на Тетово удри по здравјето на младите, а властите си спијат зимски сон

Тешкотии со дишењето и намалена функционалност на белите дробови, карактеристика за постарите лица кои подолго време биле изложени на аерозагадување. Но, сега оваа појава е се позабележителна кај младите од тетовско, кои бараат лекарска помош во Болницата за белодробни заболувања во Лешок.

Доктор Исмаил Ваити, вели дека овие симптоми кај младите се се позачестени последниве неколку години, иако не работи комбинатот Југохром, кој се посочуваше како најголем загадувач.

-Нели имаше реакции дека „Југохром“ го загадува воздухот, тој со години не работи, а расте бројот на лица со белодробни заболувања. Значи не е проблем само Југохром, загадувањето сепак е и од нас самите. Употребуваме било што за греење, гуми, прегорени масла и што уште не и сами сме си виновни. Во последните години, помладата популација доаѓа со симптоми кои порано сме ги очекувале од постарите лица кои биле изложени на аерозагадувањето, а сега ни доаѓаат млади со тешкотии, вели доктор Исмаил Ваити од болницата во Лешок.

Тетово последниве неколку недели повторно е на врвот по голема аерозагаденост. Минатиот месец тетовци само неколку дена дишеа чист воздух, а во октомври градот под Шара се најде на врвот на листата на страницата Нумбео, како најзагаден град во светот.

Но, аерозагадувањето не штети само на кардиоваскуларниот и респираторниот систем, како што се мислеше досега. ПМ десет честичките предизвикуваат метаболни нарушувања, односно замастување на црниот дроб, кој добива оштетувања како кај лица кои конзумираат алкохол во поголеми количини и имаат нездрав живот, покажува најновата студија.

Доктор Ратко Давидовски специјалист по хигиена и здравствена екологија, вели дека надлежните треба серизно да му пристапат на проблемот со аерозагадувањето, ако се земе предвид фактот дека Тетово во повеќе наврати го зазема неславното прво место како најзагаден град во светот.

Според негово лично видување и искуство земајќи ги во предвид разговорите со пријателите и роднините ја потврдуваат оваа студија.

-И навистина има лица од Тетово и селата кои воделе здрав живот не конзумирале алкохол, одат на лекар се снимаат и добиваат лекарски наод замастен црн дроб. Замастувањето на црниот дроб значи дека клетките на црниот дроб си ја намалуваат својата функција, а главните функции на црниот дроб е хемијата, односно лабаротија која го прочистува организмот.Оваа студија се појави во журналот за хепатологија еминентен журнал, а студијата е вршена подолго време. Испитани се над 9000 испитаници во пет провинции во Кина. Многу интересни податоци даваат Кинезите, од само 10 микограми на ПМ 10 честичките колку е големо замастувањето, рече доктор Ратко Давидовски специјалист по хигиена и здравствена екологија.

И покрај големите последици од аерозагадувањето, градот под Шара кој пред неколку децении беше синоним за чист воздух, вода и почва, сега е синоним за најзагаден град во светот, а властите според состојбите на терен очигледно преку текот на целата година се во зимски сон. Се даваат на големо дозволи за голем број висококатници кои ја попречуваат нормалната циркулација на воздухот, за дивите депониии нема решение, како и за сообраќајниот хаос, зеленилото кое некогаш го имаше, сега веќе е заменето со со бетон и асфалт.

(З.Д.)