Млади земјоделци на возраст до 40 години, кои имаат желба и бизнис идеја за започнување земјоделска дејност, денеска добија подршката во форма на неповратен грант до 10.000 евра по корисник. Таа е обезбедена од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, „Помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“.
На повикот „Млад земјоделец“, подеднаков бил интересот и кај жените и кај мажите до 40 години. Oд 50 апликации дури 22 се одобрени на жени носители на земјоделското стопанство, а 28 за мажи. Тоа се млади лица регистрирани како индивидуални земјоделци, согласно Законот за вршење на земјоделска дејност и Законот за ПИОМ, што значи дека земјоделството им е главен извор на приходи.
„На последниот повик за оваа мерка, пристигнаа 111 апликации. Од нив 50 апликанти ги исполнија условите и со нив ќе бидат потпишани договори за добивање финансиска поддршка- неповратен грант, со вредност до 10.000 евра по корисник. Средствата се за започнување сопствен бизнис, нови брендови на пазарот, инвестирање во нови дејности“ , изјави заменик министерот Заменик – министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, додавајќи дека побарувањата за грант се од сите земјоделски гранки: млекарство, сточарство, пчеларство, овоштарство, винарство, производство на сточна храна како и набавка на земјоделска механизација.