Србија воведува Регистар „Не се јавувај“, со што им се става крај на агресивните трговци по телефон – ММС
ММС

Објавено на: 12/20/21 12:36 PM

Србија воведува Регистар „Не се јавувај“, со што им се става крај на агресивните трговци по телефон

Со имплементацијата на новиот Закон за заштита на потрошувачите од 20 декември, најголемата новина е Регистарот „Не се јавувај“ , преку кој потрошувачите кои не сакаат да им се нудат стоки или услуги преку телефон, ќе можат да ги запрат ваквите практики на трговците. Дополнително, ново е и воведувањето на прекршочни пријави и подобрувањето на вонсудската заштита на потрошувачите, велат од ресорното министерство.
„Новиот Закон го спречува агресивното однесување на трговците кои ги повикуваат граѓаните на нивните приватни телефони, нудејќи им разни стоки и услуги“, изјави за Радио Нови Сад, Младен Алфировиќ, правен советник во Националната организација на потрошувачи на Србија.
Тој забележува дека со формирањето на јавен регистар се олеснува докажувањето на незаконското однесување на трговците.
Помошникот министер за трговија, туризам и телекомуникации, Вишња Ракиќ објаснува како ќе функционира Регистарот „Не јавувај“.
„Потрошувачот кој не сака да го повикуваат трговците, се обраќа до својот мобилен оператор со кој има договор и му вели „Сакам да бидам во Регистарот „Не се јавувај“, рече Ракиќ. Потоа се пополнува формуларот што операторот го препраќа до РАТЕЛ (ргулаторна агенција за електронски комуникации), во кој се чуваат тие информации. Трговецот треба да влезе на веб-страницата на РАТЕЛ, пред да почне да се јавува. Ако ги игнорира правилата „Не се јавувај“, тогаш е во неволја.
Таа особено ја нагласува важноста од воведување прекршочни пријави, наведувајќи дека на тој начин потрошувачите ќе можат полесно да ги остварат своите права на суд.
Претставникот на Националната организација на потрошувачи, Никица Јовановиќ, смета дека е добро новото законско решение за посредувањето да биде обврзувачко за трговецот, како и за решението со кое се воведува обврска за издавање профактури за одредени услуги.
Сепак, Националната организација на потрошувачи на Србија посочува дека не е добро што во  Законот не се предвидува колективна тужба, каква што се користи и во ЕУ и која значително придонесува за заштита на потрошувачите, бидејќи во одреден број случаи можат и да се обештетат.

извор: rtv.rs