Неколку деца се вакцинирани против Ковид-19 со неодобрена вакцина за нивна возраст- Грешка во Германија – ММС
ММС

Објавено на: 12/20/21 8:27 AM

Неколку деца се вакцинирани против Ковид-19 со неодобрена вакцина за нивна возраст- Грешка во Германија

Неколку деца во Германија случајно биле вакцинирани против Ковид-19, со вакцина што не е се уште одобрена за нивната возрасна група, јави германската новинска агенција ДПА.

Во Центарот за вакцинација во округот Олпе во покраината Северна Рајна-Вестфалија, на неколку деца им била инјектирана вакцината на Модерна. Досега, само вакцината на Фајзер/Бионтех е одобрена за деца.

– Родителите на засегнатите деца веднаш беа известени за случајот, соопштија локалните власти.

Кај децата не се забележани никакви проблеми во моментот на напуштање на центарот за вакцинација. По барање на родителите, случајот е пријавен во полиција. Од Центарот за вакцинација ја прифаќаат грешката како можност да се преиспитаат процедурите и вакцинирањето на децата.

Во ноември, Европската агенција за лекови (ЕМА) ја одобри вакцината на Фајзер/Бионтех за деца на возраст од пет до 11 години. Тоа е првата вакцина против Ковид-19 одобрена во Европската Унија за таа возрасна група.