Нема потврден случај на Омикрон во земјава, се уште е доминантен Делта сојот – ММС
ММС

Објавено на: 12/18/21 2:35 PM

Нема потврден случај на Омикрон во земјава, се уште е доминантен Делта сојот

Иако во државите низ светот забрзано се шири Омикрон сојот на коронавирусот, кај нас засега не е регистриран ниту еден случај. Се уште доминантен останува Делта сојот, како кај нас, така и во државите од регионот. Во меѓувреме, надлежните повикуваат на помасовна вакцинација, која претставува единствениот реален излез од пандемијата.

Новиот сој Омикрон вчера за првпат беше потврден на Балканот. Поточно, станува збор за двајца пациенти од Хрватска кои се инфицирале со новиот сој, а притоа не престојувале во Јужна Африка, но биле на состаноци на кои имало гости од странство.

Иако овој сој забрзано се шири, првите индикации покажуваат дека тој е помалку опасен од Делта сојот. Ова вчера го изјави главниот советник на американскиот претседател за пандемијата, инфектологот д-р Ентони Фаучи.

Во меѓувреме, вакцинацијата останува единствениот излез од епидемијата.

Македонската Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), пак, вчера објави дека досега има добиено две пријави од лекари за сомнение за смртен исход по примена вакцина против Ковид-19.

Се прави комплетна обработка за да се докаже дали несаканите реакции се навистина поврзани со употребата на вакцините против Ковид-19.

Двете пријави Агенцијата ги имала во март и во септември, од страна на лекари, и се однесуваат на 85-годишен и за 53-годишен, но се уште не е докажана поврзаност со употребата на вакцините.

Раководителката на сектор во Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Мерјем Хаџихамза појасни дека пријавите освен во Упсала мониторинг центарот, испратени се и во Институтот за јавно здравје, каде се прави таа натамошна обработка.

Сепак, како што посочува, станува збор за сомнежи и неофицијални податоци. Ефектите од вакцинацијата се далеку, далеку поголеми.

Инаку, во текот на вчерашниот ден, беа регистрирани нови 101 случај на заболени од Ковид-19, од направени 1.299 тестирања. Починале 13 лица, а оздравени се 393 пациенти.

Досега во земјата направени се вкупно 1.485.944 тестирања. Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 217.400, а бројот на оздравени пациенти е 203.967. Починати се 7.658 пациенти. Бројот на активни случаи е 5.775.

МИА