(видео) Свети Николе со најуспешните свои граѓани го прослави Свети Никола – ММС
ММС

Објавено на: 12/18/21 2:24 PM

(видео) Свети Николе со најуспешните свои граѓани го прослави Свети Никола

Празнично, славенички и во духот на светецот заштитник на послабите, немоќните, незаштитените и на морнарите, Свети Никола, помина Свечената академија по повод патронот, што ја одржа градот носител на неговото име Свети Николе. Свеченоста беше посветена на патронот, но пред се’ на граѓаните, кои измината пандемиска година дале свој придонес за афирмација на градот.

Потсетувајќи на значењето на светецот, градоначалникот Дејан Владев повика на сплотување и единство во тој дух, а градот да биде место на останување и враќање на тие што заминале.

-Како градоначалник на овој исконски град, кој го носи името на еден од најголемите светци во православието, имам шанса, но и голема одговорност овде пред вас, да ја искажам мојата најдлабока желба дека сета енергија на творење и создавање, би сакал да ја насочам кон градење на нашата општина, која зрачи со својата сплотеност заложба за еднаквост и стремеж кон економски, социјален, културен и образовен просперитет. Заложба да се ослободиме од сите модели на управување кои се покажале како неуспешни и рамо до рамо со сето граѓанство да изградиме општина еднаква и отворена, скромна и стабилна каде што секој човек би посакал да остане и да ја гради својата иднина а секој гост да посака повторно да се врати и да се радува на секоја посета, рече во својот говор пред светиниколчани и нивните гости, Дејан Владев, градоначалникот на Свети Николе.

Градот, како што рече Владев живее и расте со успесите на секој поединец, а меѓу светиниколчани кои изградија светски успешна кариера е талентираниот дизајнер на возилата на Мерцедес во Штудгард, Германија, Славче Таневски. Нему ова му беше прво признание од родниот град, но и прво воопшто во татковината, Македонија.

-Да, ова ми е прво признание. Обично наградите ги добивам таму каде што работам и живеам, во Германија, но посебна чест и задоволство ми е што се сетија во мојот роден град во Свети Николе, да добијам вакво признание. Тука секогаш доаѓам за големите празници, за Велигден, Божик, Нова Година и се погоди лично да можам да ја подигнам наградата , рече за ММС Славче Таневски, дизајнер во Мерцедес.

Со признанија и парични награди беа наградени ученици во основните и средните училишта, а градот додели и повеќе признанија за достигнувања во повеќе области.

Меѓу тие што добија признанија се младиот фудбалер кој игра во младата фудбалска репрезентација Павел Русевски, а признание беше доделено на ЖРК Овче Поле – Славјански универзитет, кој игра во Супер лигата.

-Чест ми е да ви кажам дека во нашиот клуб членуваат голем број млади девојчиња, ќе продолжиме да ги едуцираме во спортот, спортската култура, да изградиме здрави психо-физички личности со цел да створиме чесни граѓани во нашата заедница, кажа во името на клубот, Илија Бетувски  тренер и координатор на ЖРК Овче Поле – Славјански универзитет

Меѓу светиниколчани кои добија признанија е и Јордан Ѓорчев, кој го раководи Славјански универзитет.

-Знаете, околностите постојано се менуваат, секогаш успехот не мора да значи дека мора да биде признат, меѓутоа, ние мора да бидеме упорни, да работиме и да се надеваме дека сепак општеството ќе го препознае тоа, изјави пред своите сограѓани, Јордан Ѓорчев.

Признанија беа доделени на Светлана Цековска, успешна жена претприемач, компанијата Алгомак како општествено одговорна компанија, Ивана Наскова во областа на културата, а признанието на градот Свети Николе, беше доделено на Брегалничката Епархија, која неодамна го освети новиот храм во Свети Николе, Света Лидија.