Може да се очекува францускиот претседател Емануел Макрон да преземе чекори за олеснување на дијалогот меѓу Софија и Скопје, да преземе иницијатива за придвижување на работите, изјави во интервју за „360 степени“, францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер.
Тој во интервјуто не говореше за какви конкретно потези станува збор, но потенцира дека почнувањето на преговорите меѓу ЕУ и Северна Македонија е нешто што сите го посакуваат.
–Мислам дека наредното ваше прашање ќе биде – за што се работи попрецизно всушност, но јас би останал дискретен, бидејќи најважно е да бидеме ефикасни, да имаме активности што ќе овозможат деблокада на процесот и да се постигне тој резултат, којшто сите денес го посакуваат, а тоа е решавање на состојбата што е можно побрзо за да се почнат преговорите за членство во ЕУ. Тоа значи дека не се наоѓаме во фаза на јавна комуникација, туку во фаза на мобилизација, а за да се зголемат шансите за успех понекогаш треба да бидеме многу дискретни, затоа што најважно е да бидеме убедливи и да имаме рационален пристап којшто на крајот ќе ни го донесе посакуваниот резултат, вели Бомгартнер.
Во однос на јазикот, нагласи дека во Северна Македонија се зборува на македонски јазик и оти тој нема никакви дилеми во врска со тоа.
-Никој не ќе може да им наметне на двете земји да усвојат нешто што нема да им одговара и што ќе бара поместување од црвените линии. Во рамки на тие параметри треба да се напредува, да се изнајде решение, а откако ќе се постигне тоа, ќе треба да се договориме за Преговарачката рамка, која ќе овозможи отворање на преговорите за членство, без одолговлекување, нагласи Бомгартнер.
Франција од 1 јануари го презема претседавањето со ЕУ, а Бомгартнер вели дека јуни е крајниот рок, но сепак целта е преговорите со Северна Македонија да почнат порано.
Потсетувајќи дека во Франција ќе има избори претседателски во април, парламентарни на почетокот на јуни, напомена дека можностите за дејствување на Париз за време на изборите ќе бидат огранични, бидејќи „ќе се најдеме во период во кој сме обврзани на резервираност“.
-Советот за општи работи на ЕУ донесе нови заклучоци за отворање на преговорите колку што е можно побрзо. Јас сум убеден дека отворањето на преговорите ќе се случи, но прашањето е кога, односно кога ќе се постигне тој резултат Пораката што беше дадена за време на Советот е – колку што е можно побрзо, толку подобро, изјави Бомгартнер, кој говореше и за самит ЕУ-Западен Балкан, кој го најави Макрон.
Во интервјуто за „360 степени“ тој напомена дека не станува збор за конференција на која ќе се зборува само за Северна Македонија и Албанија, туку фокусот ќе биде на еден поширок регионален контекст, на теми кои го поттикнуваат европскиот интерес за регионот и ги вклучуваат можеби и прашањата за проширување.
МИА