Главниот обвинител на Бугарија Иван Гешев им додели дипломи, благодарници и плакети на обвинителите, истражителите и судските лекари за нивната висока професионалност и беспрекорно извршување на службената должност во 2021 година.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, меѓу наградените е и тим истражители од бугарската национална истражна служба, обвинители и судски лекари кои работеа на истрагата за тешката сообраќајна несреќа на автопатот Струма со автобусот на Беса транс, во која загинаа 45 македонски граѓани.
Наградени беа и иследниците за учеството во меѓународна операција за откривање на мрежа за детска порнографија која генерирала повеќе од 9,5 милиони долари приход во текот на неколку години. Бугарските истражители, исто така, добија награди за нивната заедничка операција со ФБИ за сузбивање на кибер криминалот, кој предизвика штета од повеќе од 46 милиони долари на поединци и институции во 27 земји.
Обвинителите и истражителите од Специјализираното обвинителство на Бугарија беа наградени со дипломи за истрага на организирани криминални групи кои се занимавале со финансиски криминал, перење пари, трговија со луѓе, трговија со дрога и други кривични дела.
На церемонијата присуствуваа и високи раководители на Врховното касационо обвинителство на Бугарија, како и заменик главниот обвинител и директор на Националната истражна служба на Бугарија Борислав Сарафов, како и портпаролот на главниот обвинител на земјата Сијка Милева.
МИА