ММФ ни предвидува инфлација од 3,9 отсто и раст од 4,2 отсто во 2022 – ММС
ММС

Објавено на: 12/17/21 2:52 PM

ММФ ни предвидува инфлација од 3,9 отсто и раст од 4,2 отсто во 2022

Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предвидува економскиот раст во државава да се зголеми од 4 проценти годинава на 4,2 проценти в година, главно поттикнат од големата домашна побарувачка. Се очекува инфлацијата во 2022 година да биде 3,9 проценти во просек и да се стабилизира на околу 2 процентa во 2023 година, а фискалниот дефицит да се намали на 4,3 проценти од БДП, од 5,9 проценти годинава.
Во завршната изјава по виртуелно одржана мисија за земјава, тимот на ММФ истакна дека економското закрепнување се очекува да продолжи во 2022 година и предупредува дека пандемијата и понатаму предизвикува неизвесност.
Покриеноста со вакцини е сè уште на ниско ниво, а глобалното реактивирање на пандемијата и новите варијанти на вирусот се фактори со негативен ризик за растот. Исто така, политичката нестабилност би можела да ја намали довербата и да го успори спроведувањето на политиките.
„Како и во другите земји, веројатно е дека инфлацијата ќе биде повисока подолго од првично очекуваното, но во втората половина од 2022 година ќе почне да се намалува. Зголемувањето на цените на енергијата и храната во глобални рамки, поттикна поголема инфлација во 2021 година, и можно е тие да придонесуваат кон инфлациските движења и на почетокот од 2022 година. Имајќи предвид дека повеќе од половина од потрошувачката се должи на храната и енергијата, ова е важно за повеќето домаќинства“, констатира ММФ и додава дека, во Буџетот има средства за таргетирана помош, но дека можеби ќе бидат потребни дополнителни пари за да се ублажи влијанието на повисоките цени на енергенсите врз ранливите групи, особено кога намалената стапка на ДДВ за електрична енергија ќе биде нормализирана, почнувајќи од јули.