Во засебната изјава поднесена до Советот на ЕУ во врска со отпочнувањето на преговорите со Северна Македонија, соседна Бугарија најавува дека нема да отстапи од своите барања, јави дописничката на МИА од Брисел.
Во документот приложен од страна на бугарската делегација во ЕУ, официјална Софија објаснува дека формулацијата од заклучоците на Советот на ЕУ на 14 декември за „одржување на првата меѓувладина конференција што е можно поскоро по усвојувањето на преговарачката рамка” не претставува никаков автоматизам помеѓу усвојувањето на наведената рамка и одредувањето на датум за првата меѓувладина конференција меѓу С Македонија и ЕУ.
Софија најавува дека ќе го услови усвојувањето на преговарачката рамка со „инкорпорирање на дополнителна одредница за отворање на кластерот „Фундаменти” (првиот кластер што се отвора во преговорите, нз) во форма на патоказ за имплементација на Договорот за пријателство.
Дополнително Бугарија најавува условување со контроверзните историски ликови, олеснување на бугарските инвестиции во С Македонија, Коридорот 8, и прекин за барањето за признавање на „македонско малцинство” во Бугарија кое таа го смета за неосновано. Во документот Софија споменува „говор на омраза” против бугарски граѓани во С Македонија.
Кога, и доколку, започнат преговорите со ЕУ, Бугарија ќе инсистира на овие бројни услови и за затворање на поглавјата и кластерите.
Спорот околу името исто така останува во условите на Бугарија: таа бара Северна Македонија да се именува исклучиво со долгото име „Република Северна Македонија” за да се „разликува” од регионот Северна Македонија.
– Исклучива употреба на името Република Северна Македонија за да се разликува политичкиот ентитет „Република Северна Македонија” од географскиот регион „Северна Македонија” или вербална нота од Република Северна Македонија до членовите на Обединетите Нации со цел сите референци „Северна Македонија” да се однесуваат на политичкиот ентитет што е Република Северна Македонија и употребата на краткото име Северна Македонија не доделува никакво друго значење, што се однесува на географскиот регион Северна Македонија, делови кои спаѓаат на суверената територија на Бугарија, стои во документот на бугарската делегација до земјите членки на ЕУ.
Интерес на Бугарија, се вели во документот, е да се изнајде одржливо решение за отворените прашања со Република Северна Македонија, а не одложување на процесот на пристапување кон ЕУ.
Софија жали што С Македонија не се посветила „значително” на преговорите со Бугарија.
МИА