„Додека не направиме анализи, нема да лицитираме со цената на струјата“, вели Бислимоски за МИА – ММС
ММС

Објавено на: 12/17/21 2:07 PM

„Додека не направиме анализи, нема да лицитираме со цената на струјата“, вели Бислимоски за МИА

„Додека не ги направиме анализите нема да лицитираме со цената на електричната енергија што ќе ја плаќаат потрошувачите во првата половина на наредната година. Ги добивме барањата од трите енергетски компании и во моментов ги анализираме и разгледуваме во делот на набавка на електрична енергија, трошоци за обновливи извори, трошоци за увоз во делот на ЕВН Хоум и во делот на Електродистрибуција и кај МЕПСО. Факт е дека двете компании пријавуваат значително зголемени трошоци за набавка на струја за покривање на загубите во нивните мрежи и всушност тоа го прави најголемиот притисок врз цената“. Ова го изјави во интервју за МИА, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.
Тој додава дека најголем проблем се набавките на загубите во преносната и дистрибутивната мрежа. Во преносната мрежа (МЕПСО) е побарано зголемување од 15 до 16 милиони евра, а во дистрибутивната мрежа, за 134 милиони евра.

„Тоа се бројките пријавени како трошок и факт е дека електричната енергија на ХУПЕКС берзата во Унгарија денеска се приближи на 400 евра за мегават час. Тоа има сериозно влијание врз целокупниот пазар на електрична енергија во целиот регион“, изјави Бислимоски.
РКЕ може да влијае само на 37,2 отсто од крајната цена на струјата изголемувањето од 13,6 отсто на цената што ќе ја продава ЕСМ на ЕВН Хоум влијае со околу 4,5 проценти на крајната цена за купувачите, по 1 јануари.

„Ќе видиме како тоа ќе го истераме и со трошоците за обновливи извори на енергија и со трошоците од увоз. Но, тоа што го побарал ЕСМ, значи минимум зголемување на цената од 4,5 проценти. Другите трошоци ќе ги детализираме во следните неколку дена“, порачува Бислимоски.