„Посна“ Нова година во Охрид-хотелите резервирани само 50 отсто и најмногу со домашни гости – ММС
ММС

Објавено на: 12/17/21 12:32 PM

„Посна“ Нова година во Охрид-хотелите резервирани само 50 отсто и најмногу со домашни гости

Хотелските капацитети во Охрид очекуваат 50 отсто исполнетост и тоа претежно со домашни гости. Хотелиерите велат дека е слаб интересот за закуп на соби и на прсти може да се избројат резервациите на две седмици пред дочекот на Новата 2022 година.
Според некои, вината за таквата состојба е можеби задоцнетата понуда поради епидемијата и измените во протоколите за угостителскиот сектор.
Забраната за влез на невакцинирани лица, без негативен тест, ги преполови туристичките пазари од државите во соседството, кои традиционално беа најбројни гости во Охрид за новогодишните празници.
Цените на празничните аранжмани не се зголемени во однос на минатите години и варираат од 5.500 денари за дводневно сместување со дочек на Новата година, до 180 евра за тридневни аранжмани во најрепрезентативните хотели.
Угостителите за разлика од хотелиерите, очекуваат подобра посетеност за празниците. За дочекот на Нова година нудат мени од 1.500 денари, до околу 50 евра по лице и добра забава до раните утрински часови.
Дочек во Охрид ќе има и на отворено, на градскиот плоштад. Охриѓани и гостите на новогодишната ноќ ќе ги забавуваат „Ле-трик“, „Бекдор-Бенд“, „Камелеон“, „Урбан планет“, Ѓоко Танески и Татијана Стефаноска, Верица Ристеска, а свој перформанс ќе имаат диџеите Фејс и Гец заедно со Јана Слеј. Забавата ќе биде организирана и на 1 јануари, од 13 до 15 часот, со настапот на охридскиот музички еснаф и камерниот оркестар, а на 2 јануари забавата ќе продолжи со „Ансамбл Билјана“ со специјална програма „Охрид, Охрид убав мил“.

(МИА)