Пиши „да“ и добиј 100 евра“ – Лажните наградни игри ја потврдија светската анализа дека сме глупави – ММС
ММС

Објавено на: 12/17/21 7:00 PM

Пиши „да“ и добиј 100 евра“ – Лажните наградни игри ја потврдија светската анализа дека сме глупави

Не помина ниту една недела откако ММС пишуваше дека стотици македонски граѓани по кој знае кој пат наседнаа на лажните наградни игри на социјалните мрежи во „надеж“ дека ќе добијат нов автомобил, повторно се појави наградна игра.

Но, овојпат не се работеше за автомобил, туку за ваучер од 100 евра.

На Фејсбук на лажната фан-страница „Макпетрол Македонија“ се појави лажна објава од измамници кои од корисниците преку инструкции бараат „да ја лајкнат нивната страница и да напишат коментар „ДА“ и потоа да ја споделат објавата на својот ѕид и да го чекаат извлекувањето кое е закажано за 25 декември годинава, а тројцата победници ќе бидат објавени следниот ден на 26 декември во 10 часот.

„Шкодата“ привлече само 600 учесници од околу 5.000 фанови на лажна група за нецели 48 часа, додека „вредносните ваучери“ на АД „Макпетрол“ од 100 евра привлекоа 4.190 фанови кои направија 7.500 споделувања на објавата како дел од условот за учество во наградната игра пред нафтената компанија да објави дека се работи за лажен профил.

„Макпетрол“ АД ја информира јавноста дека е забележана активност на социјалната мрежа Facebook од страна на кориснички профил „Макпетрол Македонија“ преку кој во име на компанијата „Макпетрол“ АД лажно организира наградна игра. Сакаме да потенцираме дека компанијата „Макпетрол“ АД има една наградна игра која се реализира под мотото „Верна – Една и единствена“, како и еден официјален Facebook профил „Макпетрол Ultra“. Ги советуваме граѓаните доколку наидат на вакви или слични лажни наградни игри да не ги земаат предвид и да ги игнорираат“, соопштија од АД „Макпетрол“.

Ама 100 евра си се 100 евра, па и после предупредувањето од компанијата, следбениците на фан-страната продолжиле да коментираат со „да“ и бројката стигнала до 11.373 споделувања.

Не е првпат компаниите да бидат злоупотребени за вакви измами, но не можат фирмите секојдневно да ги убедат луѓето дека се работи за злоупотреба на лични податоци и дека со пораките само им се помага на измамниците да направат поголема база.

Овие настани и „учества“ во наградни игри сигурно нема да помогнат Македонија од земја со „потпросечно паметни граѓани“ да се искачи погоре на скалата на земји со просечен коефициент на интелигенција.

Пред неполн месец ММС објави една студија за интелигенција која ја спровеле најдобрите истражувачи Ричард Лин и Дејвид Бекер. Анализата покажа дека македонија е под светскиот просек.

Просечниот коефициент во светот според оваа студија е 98,16 што нас граѓаните од Македонија не прави подпросечно паметни или меѓу поглупавите земји затоа што просечниот коефициент на интелигенција ни е 81,91. Ние сме 108-ма земја во светот според интелигенцијата и во регионот сме повеќе паметни единствено од Албанија која има коефициент 81,75.

Орце Костов

фото: Фејсбук објава на Макпетрол

фото: Извор: worldpopulationreview.com