Не е едноставно да се најде вработување веднаш по завршувањето на образованието, без разлика на дипломата од средно или од високо образование. Многу млади, но и повозрасни со години чекаат на своето прво вработување и во последно време се повеќе не прифаќаат работа надвор од струката.
Дополнително што најголемиот дел од работодавците нудат минимална плата од 15.000 денари, што ни оддалеку не е доволна за нормален живот.
Има и исклучоци, ако им се посреќи, но реално не е мал бројот на оние кои не ја гледаат својата иднина овде, туку веднаш по завршување на образованието, аплицираат за работа во странство каде платите се многу поголеми од македонските.
Додека чекаат виза, прифаќаат слабо платена работа.
„Тешко е да се најде добро платена работа според дипломата, ако се нема пријателски врски. Тоа е моето искуство. Завршив средно стручно школо и курс за компјутери и цела година конкурирам на разни огласи според моите квалификации. Фирмите или воопшто не ми одговараат на барањето или по интервјуто ми нудат плата од 15.000 денари и одат на „финтата“ дека е тоа само за почеток. Тоа е неприфатливо за мене“, вели М.М (34) од Скопје, кој во меѓувреме додека бара подобра работа, заработува минимална плата во кафуле, затоа што мора да вади некакви пари за себе и семејството.
Тој додава дека нема да престане да конкурира се додека не ја најде вистинската работа според квалификациите, но во меѓувреме, ќе аплицира и за виза во Германија, затоа што верува дека таму подобро може да се заработи и да се живее.
Според скопјанката С.А (29), на која и се посреќило да најде работа според струката кусо време по дипломирањето, жално е што многу во земјава се приморани да работат било што поради финансиски причини.
„Навистина ме боли кога ќе видам или слушнам дека некој со „тежок“ факултет и добар просек, работи во маркет на каса или на шанк во кафуле. Не потценувам никаква чесна работа, но реално, праведно е секој треба да работи според дипломата во која вложил време, труд, знаење и пари и тоа соодветно да му се вреднува. Ова што сега се случува на пазарот на трудот, е наопаку, со чест на исклучоци“, вели таа за ММС и нагласува дека никогаш не треба да кренат и упорно да се аплицира на сите огласи и да се прашува за работа меѓу пријатели.
Според последните податоци на Агенцијата за вработување на РСМ, на крајот на октомври годинава, од вкупно 134.219 невработени лица (активни баратели), најмногу се оние кои чекаат на работа 2 години (26.625) и лицата кои чекаат на прво вработување меѓу 5 и 7 години (15.522).
АВРСМ евидентира пад на бројот на невработените кои активно бараат работа, од 158.681 во јануари годинава, на 133.412 заклучно со ноември. Но, и раст на вработеноста. Од почетокот на 2021 до крајот на октомври, 35.012 лица се вработиле од евиденцијата на АВРСМ, а 128.106 не биле евидентирани во АВРСМ.
Во вкупниот број на невработени (134.219), најмногу се лица без образование (76.170) и со средно образование (33.618).
Маја Томиќ