Осигурани 490.000 возила за 59,9 милиони евра, раст на осигурувањето на имот и на полисите за приватно здравство – ММС
ММС

Објавено на: 12/17/21 10:42 AM

Осигурани 490.000 возила за 59,9 милиони евра, раст на осигурувањето на имот и на полисите за приватно здравство

Граѓани, фирми и институции вложија 7,5 милијарди денари (122 милиони евра) во неживотни осигурувања во првите девет месеци годинава. Продажбата (бруто полисирана премија – БПП) на осигурителни услуги во овој период порасна за 18 отсто (19 милиони евра) во споредба со истиот период во 2020 година. Бројот на склучени договори за осигурување во овој период е зголемен за 32 отсто и надмина 1,13 милиони, покажуваат официјалните податоци Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

-Значајно зголемен интерес има кај осигурувањето имот, патничкото осигурување, приватното здравствено осигурување, осигурувањето од финансиски загуби, осигурување од општа одговорност и кај задолжителното автомобилска осигурување. Податоците покажуваат дека продажбата на осигурителни продукти од палетата на 18 класи неживотно осигурувања во целост го надмина шокот што лани го предизвика здравствената пандемија на вирусот COVID -19. Резултатот за првите девет месеци годинава е подобар за 12 отсто и во споредба со продажбата на полиси во истиот период 2019 година, велат од АСО.

Солиден раст на продажбата, додаваат, има во најголемата доброволна класа – осигурувањето имот.

-Бројот на склучени договори за осигурување имот надмина 107.000, а нивната вредност надмина 1,85 милијарди денари (30 милиони евра). Тоа е за 22 отсто (5,4 милиони евра) поголема продажба од истиот период лани, прецизираат од АСО.

Посочуваат дека најбрзо растечки осигурителен производ и годинава останува приватното здравствено осигурување.

-Десет осигурителни компании од продажба на вакви полиси инкасирале 35 отсто повеќе од истиот период лани. Продажбата достигна 300 милиони денари (4,9 милиони евра). Бројот на договори за приватно здравствено осигурување порасна за 42 отсто, а склучени се над 12.800 договори. Вложувањата во полиси кои осигуруваат од општа одговорност пораснале за 27 отсто и за првите девет месеци од нив компаниите наплатиле 200,5 милиони денари (3,26 милиони евра). Склучени се 39.000 договори за осигурување што е за 15 отсто подобро од лани, нагласуваат од АСО.

Осигурувањето од финансиски загуби, како што посочуваат од АСО, иако мала класа во структурата на доброволни осигурувања, годинава книжи раст од 10 отсто на вредноста на продадени полиси која надмина еден милион евра.

-Очекувано, поради олабавување на рестриктивните здравствени мерки, годинава има голем раст на продажба на патничко осигурување. Осигурителните компании за неживот продале 216.000 полиси за патничко осигурување, двојно повеќе од истиот период 2020 година. Од тоа инкасирале 118 милиони денари (1,9 милиони евра) или 92 отсто повеќе од лани.

Задолжителната автомобилска одговорност и понатаму останува класа со најголемо учество во вкупната продажба. За првите девет месеци се склучени 490.000 договори за осигурување, а нивната вредност е 3,68 милијарди денари (59,9 милиони евра). Продажбата на овие полиси е зголемена за 20 отсто во однос на 2020 година, нагласуваат од АСО.

МИА