Ако сакаме да го реотвориме судскиот случај за „Монструм“ има само еден начин, а тоа е ако се јави нов доказ, кој во време на првичното судење не бил познат. Значи нека излезат луѓе, можеби и првообвинетиот и второобвинетиот и нека кажат „не беше така, вака беше“, изјави вечерва претседателот Стево Пендаровски во гостувањето на телевизија Телма.
Пендаровски, посочи дека вчера разговарал и со претседателот и со премиерот на Косово, но иако очекувал, прашањето за случаите „Диво Насеље“ и „Монструм“ не било потенцирано.
– Очекував да ми го постават тоа прашање, бидејќи станува збор за нивни државјани и дека ќе покажат интерес во оваа смисла, меѓутоа не го потенцираа воопшто тоа прашање во разговорите, изјави Пендаровски.
И да прашале, посочи Пендаровски, ние за првиот случај чекаме одлука од Врховен суд и како политичари не смееме да се мешаме во независнсота на судството.
– Меѓутоа, откако Врховниот суд ќе донесе конечна одлука постои една правна можност, дел од осудените на доживотна казна затвор, да ја отслужат казната во својата држава, бидејќи се државјани на Косово. Но, јас им реков на моите соговорници, во ваква претпоставена ситуација, битен момент е реципроцитетот. За жал, првите двајца обвинети се кријат и живеат во Косово, а ние немаме земено ниту изјава од нив. Реков дека ќе биде добро под силен меѓународен мониторинг да дојдат и да дадат изјави, нагласи Пендаровски.
Во однсо на меѓународниот мониторинг, Пендаровски рече дека, тој е присутен за сите битни судски случаи.
– За „Монструм“ нема рочиште во кое внатре нема луѓе од ОБСЕ, од американската Амбасада и од Делегацијата на ЕУ. Но, тие не се со статус да ревидираат одлука. Тоа е работа, само на нашите правосудни органи, а мониторинг има и некои се дел од познати извештаи, рече Пендаровски.
Оцени дека за случајот „Монструм“ не може да станува збор за какво и да било етничко убедување кога и судијата и обвинителката беа Албанци.
МИА