Градоначалниците на петте општини кои се дел од Хидросистемот „Злетовица“ денеска во Пробиштип со директорот Миле Илиевски имаа прв заеднички состанок, откако четири од овие пет општини добија нови раководства. Како ќе оди дистрибуцијата на вода, динамиката на приклучување на новите општини беa тема на оваа средба. Пробиштип и Свети Николе неколку години се водоснабдуваат од „Злетовица“, додека Штип почна со пробен период и по добивањето на дозволите, ќе може да ја внесе водата во системот на градот. Засега се планира да се користи вода и од „Злетовица“ и од бунарскиот систем од реката Брегалница, но тоа не е дефинитивно одлучено.
-Може да ги користиме и двата извора, во зависност од приликите и потребите, истото ќе биде комбинирано и дистрибуирано. Уште немаме донесено конечна одлука затоа што се’ уште чекаме резултати од испитувањето на водата од Институтот за јавно здравје. Штом ги добиеме првите резултати дека оваа вода може да биде употребена, секако дека ќе ја користиме со можност да се користи бунарскиот систем како што до сега јавното претпријатие ја користи, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Јорданов забележа на Институтот за јавно здравје, кој треба да направи сеопфатна анализа на водата и да каже дали водата може да се употребува.
Што се однесува до цената на водата, директорот на „Злетовица“ Миле Илиевски рече дека е одлука на Регулаторната комисија за енергетика и води и во перспектива се очекува да поевтинува.
-Цената се формира три години однапред, во текот на оваа година изнесуваше 4,78 денари за кубен метар вода плус 5% ДДВ. Веќе наредната година за сите општини цената се намалува и ќе биде 4,70 денари плус 5% ДДВ. Во 2023 година цената повторно се намалува и веќе доаѓа на 4,60 денари плус 5% ДДВ. Зошто го имаме трендот на опаѓање на цената на водата? Бидејќи веќе се очекува приклучување на ЈП „Исар“ од Штип, како голем потрошувач, а тоа значи дека и нашите приходи се зголемуваат, а тоа значи дека цената на водата ќе паѓа, вели Миле Илиевски, директор на ЈП ХС „Злетовица“
Општината Карбинци има зграда за филтер станица, но нема цевковод. Тоа е причината поради која веројатно ќе се пролонгира прифаќањето на водата од хидросистемот.
-Попишан е договор со изведувач, по тендер пуштен од Министерството за земјоделство, исто така е потпишан со надзорот, така што во следна фаза ги завршуваме имотно правните работи, кои во минатото не беа завршени од страна на претходното раководство на Општина Карбинци и по поставувањето на цевководите ќе може да започне дистрибуција на оваа вода“, кажа Виктор Паунов, градоначалник на Карбинци.
Свети Николе е втората општина која се приклучи на Хидросистемот, но таму проблем се долговите за неплатена вода. Договорено е сукцесивно плаќање.
-Кога дојдовме на власт наследивме 16,6 милиони денари кон ХС „Злетовица“. Осум или девет месеци претходно не беше платена ниедна фактура. Претходно имало потпишано договор да се плаќаат заостанатите суми на рати. Едно време тоа се почитувало, но последните 9 месеци, до октомври 2021 година не беше уплатена ниедна рата. Затоа остваривме неколку средби со директорот на „Злетовица“, со новото раководство на ЈКП “Комуналец“ каде постигнавме договор и веќе започнавме со сервисирање на нашите обврски кон „Злетовица“, рече Дејан Владев, градоначалник на Свети Николе.
Последна општина која ќе се приклучи е Општината Лозово, чии граѓани се снабдуваат со бунарската вода, која често е со сомнителен квалитет. Таму работите се во почетна фаза и веројатно ќе биде последната општина што ќе се приклучи.