„Мојата одлука да дадам согласност за донирање на органите на мојата мајка беше поттикната токму од начинот на нејзиното размислување. Таа секогаш гледаше напред, секогаш размислуваше како да им помогне на другите. Сметаше дека и по смртта, човештвото може да има поголема корист, доколку телото биде предадено на науката. Многу сум среќен што двајцата приматели на бубрезите од мојата мајка, кои беа првите на листата за чекање, ги примија одлично и еве, 15 години подоцна, живеат со нив“, истакна Александар Трајковски, член на семејство на донатор на органи.
Неговата порака до сите оние што можеби во животот ќе соочат со истата одлука е јасна: „Загубата на најблискиот е болен и тежок момент, но и тогаш, ако сме во состојба да помогнеме некому, треба тоа да го направиме“, рече Трајковски на панел дискусијата во организација на Ротари клубот Скопје Парк на кој отворено се дискутираше за потребата од подигнување на јавната свест за донирање органи во нашата земја.
– Со направените шест трансплантации на срце, 19 бубрежни трансплантации и четири на коскени ткива од починат донатор во изминатиот период, и покрај актуелната пандемија со Ковид-19, покажавме дека македонското здравство располага со соодветни капацитети, стручен кадар, опрема и соодветна организација за изведување на најсложени медицински постапки со кои се спасуваат човечки животи. Горд сум и благодарен на моите колеги од јавното и приватното здравство кои заедно успешно ги извршија овие постапки, но најголемата благодарност сепак е за членовите на семејствата на починатите донатори на органи, без чија согласност овој успех немаше да биде возможен. Нивната благородна одлука и хуманост ќе останат забележани во историјата на македонското здравство и ќе бидат пример кој ќе се следи во нашето општество“, рече во своето излагање на панелот, министерот за здравство, д-р Венко Филипче.
Министерот Филипче смета дека нашиот здравствен систем, од стручен, кадровски и организациски аспект е подготвен за натамошно проширување на Програмата за трансплантација на органи, во делот на мултиорганската трансплантација, со што би се зголемил бројот на реципиенти на органи кои чекаат на шанса за подолг и поздрав живот.
„За да може да се изведе трансплантација, особено кога донаторот е починато лице, неопходни се прецизни протоколи кои точно ги дефинираат сите постапки во текот на целокупниот исклучително сложен процес, големи тимови од врвни експерти и искусен медицински персонал, врвна медицинска опрема и соодветни просторни услови, како и механизам за креирање на листи за приматели на органи. Се покажа дека ние можеме сето ова успешно да го направиме. Во наредниот период особено сме концентрирани на надополнување на критериумите за ставање на пациентите на националните листи за трансплантација, за што користиме и искуства од други развиени здравствени системи со долгогодишна успешна практика на ова поле, како што се Словенија, Хрватска и Турција“, вели д-р Маја Мојсова Мијовска, национална координаторка за трансплантација на органи.
Во нашата земја годишно има околу 100 до 120 лица кои доживеале мозочна смрт, најчесто поради сообраќајни несреќи или мозочни изливи и со тоа станале потенцијални донатори на органи. Сепак, процентот на дарувани органи во земјава е сѐ уште прилично низок, односно околу 20% од органите на пациентите со мозочна смрт се трансплантираат, за разлика од некои земји во ЕУ каде овој процент е и над 50%. Експертите се согласни дека сведоштвата за лицата кои донирале органи и оние што ги примиле се клучни за поместување на границите на општествената свест за ова важно прашање.