Донација од 14 возила за потребите на Единицата за службени кучиња при МВР – ММС
ММС

Објавено на: 12/16/21 3:32 PM

Донација од 14 возила за потребите на Единицата за службени кучиња при МВР

Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која денеска му предаде на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски донација од возила наменети за Единицата за службени кучиња при Министерството.

Донацијата во вкупна вредност од 236 илјади евра, е во контекст на реализација на заедничкиот проект за „Поддршка на националните власти на Република Северна Македонија во намалување на ризикот од пролиферација на оружје и злоупотреба на мало и лесно оружје”.

Министерот Спасовски информираше дека во рамки на имплементирање на сите критериуми и стандарди на модерно полициско функционирање и работење, со мисијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија е потпишан Договор за донација на 14 возила за потребите на Единицата за службени кучиња.

– Овој проект, што е суштински битен  за проблематиката што ја опфаќа контролата на малото и лесно оружје и муниција, има за цел да ги зајакне капацитетите на Министерството, но паралелно со тоа и да се етаблираат нови знаења, вештини и практики во насока на зголемување на професионално-оперативните стандарди. Се разбира, крајната цел е натамошно зголемување на нивото на безбедност на граѓаните преку поквалитетна контрола на малото и лесно оружје и муниција, рече меѓу другото Спасовски.

Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, во оваа прилика нагласи дека изминатите неколку децениии Балканот се соочува со феноменот на пролиферација на мало и лесно оружје.

Целта на овој проект, како што исткна, е да ги поддржи напорите на земјата за спроведување на меѓународните обврските на терен за спречување и борба против пролиферација на мало и лесно оружје и со тоа да придонесе за безбедноста и стабилноста на земјата и на регионот.

МИА

фото: МВР