Министерот за економија Крешник Бектеши, денеска изјави дека останува на ставот дека поскапувањето на струјата ќе биде најмногу до 10 отсто.
„Ќе чекаме до крајот на месецот да видиме каква ќе биде одлуката на РКЕ. Ние сме ги направиле сите анализи со надлежните институции и енергетските компании и останувам на ставот што сум го кажал. Нема да има зголемување повеќе од 10 отсто во наредните шест месеци“, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање по завршната конференција „15 години ја олеснуваме трговијата“. Дополнително, тој рече дека за ранливите групи граѓани веќе почнале да се изработуваат нови модели за плаќање.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи гарантира дека цената на струјата по 1 јануари нема да се зголеми за толку, колку што тврдат некои медиуми и порачува дека и тогаш ќе биде најниска во регионот.
„Гарантирам дека во јануари цената нема да се зголеми на ниво на кое одредени медиуми или, пак, поединци сакаат да го покажат, за да креираат страв кај народот. Ние како што докажавме на 1 јули, и на 1 јануари ќе докажеме дека цената ќе биде се уште најниска во целиот регион и ќе обезбедиме доволно струја за да продолжи да тече нормалниот живот“, изјави Битиќи по отворањето на „Иновацискиот и бизнис форум Пеперутка“, отфрлувајќи ги наводите в некои медиуми дека струјата ќе скокне за 38 отсто.
Според него, било каква популистичка мерка како што е замрзнување на цената на струјата, не е одржлива. „Може да ја замрзнете за три месеци и потоа ќе мора да ја пуштите, кога сте одлучиле да оперирате на либерализиран пазар“, рече тој како одговор на прашањето, дали нашата Влада ќе го следи примерот на Бугарија. Бугарските пратеници вчера изгласаа замрзнување на цените на струјата и на парното на сегашното ниво, до 31 март в година, откако енергетскиот регулатор најави од 1 јануари зголемување на цените на струјата во просек за 11,5 насто и на парното до 30 отсто.
На прашањето дали се размислува за укинување на дневната тарифа за евтина струја за да се одржи цената на ниско ниво, вицепремиерот Битиќи рече дека одлуката за цената ја донесува Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). „РКЕ ќе одреди и ќе даде одржлив предлог. Може да кажат да има кратење на периодот на евтината тарифа, зашто имаат преглед дали се троши струја во тој временски пик или не. Отворени сме да зборуваме за тоа, но не на штета на граѓаните“, рече Битиќи.
М.Т.