Премиерот Зоран Заев, претседателот на државата Стево Пендаровски и спикерот на Собранието, Талат Џафери за само неколку месеци неколку пати се појавија заедно на неколку големи настани.
Појавувањето на тројцата највисоки државни функционери на отворањето на голем трговски центар, положување на цвеќе на државен празник и оддавањето почит кон загинатите на аеродромот во Скопје пред десетина дена, веднаш го покрена прашањето дали со тоа ги кршат безбедносните протоколи и дали е тоа пракса само кај нас или и во регионот затоа што во случај на терористички напад, државата, не дај боже, може да биде обезглавена.
ММС се обрати до кабинетите на претседателот Пендаровски, премиерот Заев и спикерот Џафери и праша зошто тројцата државници се зедно на настаните кога ова не е пракса во светот поради безбедносните протоколи и дали ова се должи на недоволна комуникација помеѓу нив или само на нивната желба да бидат присутни на секој голем настан.
Обезбедувањето на државните функционери е регулирано со владина Уредба донесена во 2014 година со која се определуваат личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите на мерки и активности и степените на обезбедување. „Зависно од степенот на обезбедување и безбедносната проценка се димензионираат мерките и активностите. Наведената Уредба и останатите акти кои се однесуваат на безбедноста на државниот врв не го дефинираат, ниту ограничуваат бројот на претставници на државниот врв кои можат да присуствуваат на одреден настан“, објаснија за ММС од Владата.
Агенцијата за национална безбедност (АНБ) е таа која дава безбедносни проценки по однос на постоење на безбедносни ризици или закани по безбедноста на одредени личности од државниот врв или настани во кои тие се вклучени и истите ги споделува со надлежните државни институции, а МВР врз основа на истата уредба преземало мерки и активности за обезбедување на највисоките претставници на органите на државна власт.
Од Кабинетот на претседателот велат дека при активностите на Пендаровски се прави протоколарна и безбедносна проценка и подготовка, а тие имаат редовна комуникација со кабинетите на претседателите на Собранието и на Владата и се вршат потребните координации околу активностите на кои присуствуваат во земјата и во странство.
„Присуството на претседателот на државата, Собранието и Владата на ист настан не е забрането и се случува и во многу други држави, освен доколку нема поинаква безбедносна проценка. Логично е државниот врв да биде присутен на одбележувањето на значајни годишнини, државни празници, или како кога се оддаваше почит на 45 загинати наши граѓани“, рекоа оттаму за ММС.
Во однос на отсуствата во странство на претседателот, има комуникација и координација со кабинетот на претседателот на Собранието.
Досега не е прекршено правилото претседател на државата и претседател на Собранието да патуваат заедно поради уставната одредба која предвидува во случај на несреќа на претседателот, собранискиот спикер да ја преземе функцијата „претседател на државата“.
Сите функционери го користат владиниот авион „лирџет 60“ кој владата го набави во 2005 година од САД за 11 милиони долари, една година по авионската несреќа во Босна и Херцеговина во која загина тогашниот претседател Борис Трајковски. Во последно време претседателот Стево Пендаровски се повеќе користи комерцијални летови и железнички превоз (користеше воз при посетата на Шведска), додека при посетите на земјите во регионот често патува со автомобил во колона со обезбедувањето од Министерството за внатрешни работи кое одредува ресурси за обезбедување на личности.
Орце Костов
фото: Вангел Тануровски
фото: www.bjtonline.com