Специјалното јавно обвинителство во моментот води 12 истраги, но нивната судбина е неизвесна. Од Мисијата на ОБСЕ во Скопје велат дека се потребни законски измени во однос на работата и мандатот на ова Обвинителство.
Специјалното јавно обвинителство треба да биде потранспарентно кога воспоставува надлежност врз случаи по кои постапува Јавното обвинителство – препорачува ОБСЕ, од каде денеска го презентираа првиот извештај за активностите и предметите во надлежност на СЈО.
Од Мисијата на ОБСЕ го посоветуваа СЈО да ја информира јавноста кога обвинителите ќе заклучат дека во одреден случај не постојат доволно докази за да се продолжи со истрагата или прогонот, но сепак да ја заштити доверливоста на истрагите. Мишел Принс, виш офицер за владеење на правото при ОБСЕ забележа дека истрагите и обвиненијата на СЈО се однесуваат само за лица од претходната владеачка гарнитура. Покрај ова, Принс порача дека Собранието треба да донесе законски измени поврзани со работата и мандатот на ова Обвинителство, бидејќи е неизвесна судбината на тековните истраги.
Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева најави дека препораките ќе се разгледуваат на следниот колегиум кој таа ќе го закаже. Таа објасни дека поранешните владини функциониери сметале дека никој не ги прислушува и затоа се однесувале „комотно“, додавајќи дека постојат предистражни постапки за лица кои биле во опозиција во периодот кога се прислушувани телефонските разговори, но дека засега не постои кривично правен доказ за тие да бидат обвинети.
Јанева исто така, го обвини судот дека води селективен пристап кон обвинителството:
-Би упатила една критика до Судот, бидејќи беше потребно околу шест месеци за утврдување на обвиненијата, но исто така можеше во периодот од декември 2017 до денес, Судот да закаже повеќе рочишта за кои би се суделе нашите предмети, како што направи за предметот за 27 април и однапред закажа 37 рочишта. Тоа можеше да го направи за предметот Титаник кој е најобемен во СЈО, а за критика е тоа што во септември во Основниот суд Скопје 1 за овој предмет е закажано само едно судење – истакна Јанева.
Адвокатот Еленко Миланов кој е бранител на повеќе обвинети од СЈО реагираше на оваа забелешка на Јанева.
Не се 37 рочишта, во моментот има 55 датуми за одржување рочишта. Во предметот за „27 април“ и „Титаник“ има лице кое е обвинето во двата предмета. Кажете ми како ќе ги трпи санкциите тоа лице поради своето нејавување? – праша Миланов.
Специјалното јавно обвинителство во моментот води 12 истраги, а до 30 јуни 2017 – та беа покренати 20 обвиненија против 142 лица.
Вања Мицевска