Спречен меѓународен транспорт на дрога, запленети 100 килограми марихуана во вредност од 300.000 евра – ММС
ММС

Објавено на: 12/15/21 4:00 PM

Спречен меѓународен транспорт на дрога, запленети 100 килограми марихуана во вредност од 300.000 евра

По повеќе месечна предистражна постапка, вчера во попладневните часови, како што информира МВР, под раководство на јавен обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и полициските службеници од ОВР Гостивар, беше спроведена координирана полициска акција во која се запленети околу 100 кг наркотична дрога – марихуана во вкупна вредност од околу 300.000 евра.

Лицата  Е.М., Х.Ф., Е.И. и Б.П., од кои три се од Гостивар и едно од Дебар, на возраст од 30 до 47 години, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, набавиле наркотична дрога – марихуана и ја сместиле во објект во гостиварско. Ја предале на еден од пријавените, кој за одреден паричен надомест требало да ја транспортира дрогата со товарно возило до Р.Бугарија. Околу 17.15 часот, на патарината „Глумово“ при преглед во товарното возило „ман“ со приколка, со дебарски регистарски ознаки, полициските службеници пронашле 19 црни вреќи со 189 пакувања марихуана. Приведените лица ќе бидат изведени пред Судија на претходна постапка со предлог да им биде изречена мерка притвор.

Надлежен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” по чл.215 ст.3 од Кривичниот законик.