Денеска официјално законски почна откупот на тутунот во земјава. Сите осум откупувачи ги отворија 173-те пункта. Досега се откупени 2050 тони по просечна цена од 181,6 денари.
Според Зоран Шапуриќ, директор на Државниот земјоделски инспекторат, динамиката е добра и полека се зголемува просечната откупна цена. „Отворени се сите 173 пунктови во земјава и тутунот го купуваат осумте откупни претпријатија. До вчера се откупени 2.050 тони по просечна цена од 181,6 денари. Просечната цена полека се зголемува. Инспекторатот е постојано на теренот и ја следи откупната кампања“, изјави Шапуриќ.
Игор Мирчески, координатор на четирите новоформирани тутунски здруженија вели дека не е постигната реалната проценка на родот којшто е квалитетен. Тутунарите очекуваат повисока цена. Вака, вели, цената не е соодветна ниту на трошоците, ниту на реалниот квалитет.
„Апелираме до инспекторатот будно да ја следи ситуацијата со откупот, а поверениците активно да учествуваат при проценката на вагите, а не да бидат декор“, вели Мирчески.
Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија, поради реакциите на тутунарите денеска беше на средба со најголемиот откупувач „Сокотаб“ од Битола. Најавена им е реална линија на проценка.
„Иако линијата последниве денови е подобрена, сметаме дека не е достигната реалната проценка, зашто тутунот е со мошне добар квалитет. За нас е реално да не биде под 200 денари за килограм, но сѐ уште се соочуваме со ниски цени по класи, што треба да се исправи за наредната реколта. Од „Сокотаб“ ни рекоа дека ќе се подобри линијата за откупот“, рече Методија Стомнароски од Сојузот.
Во земјава се склучени договори за 22.000 тони тутун. Исплатата е редовна, за еден до седум дена. Откупот трае до крајот на март, наредната година.
(МИА)