Серхио Агуеро со солзи објави крај на кариерата – ММС
ММС

Објавено на: 12/15/21 3:06 PM

Серхио Агуеро со солзи објави крај на кариерата

Со емотивно обраќање и насолзени очи, 33-годишниот аргентински напаѓач на Барселона Серхио Агуеро прогласи попладнево предвремен крај на својата фудбалска кариера поради здравствени проблеми.

– Одлучив да престанам да играм професионален фудбал. Одлуката ја донесов поради своето здравје, поради проблемите кои ги имав пред месец и половина. Бев во добри раце на лекарскиот тим и тие ме советуваа да престнам да играм фудбал. Одлуката ја донесов пред десетина дена. Направив сè што беше во мој моќ да задржам барем и најмала надеж, но не одеше. Горд сум на мојата кариера и среќен за тоа што го постигнав, изјави Агуеро на прес-конференцијата во Барселона, во придружба на претседателот на каталонскиот клуб Жоан Лапорта, а поддршка дојде да му изрази и неговиот поранешен тренер во Манчестер сити, Пеп Гвардиола.

– Сакам да им се заблагодарам на сите кои ми помогнаа во Атлетико Мадрид, каде дојдов на 18-годишна возраст, на луѓето во Сити, кои знаат колку многу ми значат. Дадов сè од себе и одлично бев примен, а им благодарам на сите и во Барселона, кои се неверојатни. Без сомнение се еден од најдобрите клубови во светот. Благодарност и до аргентинската репрезентација, која најмногу ја сакам, додаде Агуеро.

Аргентинецот во летниот преоден рок ја засили Барселона од редовите на Манчестер Сити, каде постигна 184 голови на 275 натпревари во Премиер лигата и стана најдобар стрелец на сите времиња.

Фудбалската кариера на Агуеро траеше 18 години по неодамнешните компликации и констатираната срцева аритмија поради која предвреме го напушти теренот за време на првенствениот натпревар меѓу Барселона и Алавес (1:1).

Аргентинецот првично требаше да паузира од фудбалот три месеци, но набрзо почнаа да пристигнуваат вести дека состојбата со неговото срце е многу посериозно и веќе нема да може активно да игра фудбал.