Начинот на информирање во случаи на несреќи мора да биде ослободен од сензационалзиам, вака гласи пишаното правило од Кодексот на новинари кое во текстот кој го рецензираме, е прекршено уште во самиот наслов. „Возач на камион со македонски таблици загина во Бугарија по тешка несреќа на автопатот „Тракија“, објавен на веб порталот ТВ 21 при што новинарот никаде во текстот не се повикува на официјални информации, односно на „првичните информации од бугарското МВР се неофицијални“.
„Возач на камион со македонски таблици загина во Бугарија по тешка несреќа на автопатот „Тракија““, е првата реченица на новинарот кој ја информира јавноста, без истата да ја провери.
„Според првичните неофицијални информации од МВР на Бугарија за ТВ21, околу 6.40 часот утрово се случила сообраќајна несреќа меѓу два камиони, по што едно лице загинало“
Во оваа реченица факт е дека се случила сообраќајна несреќа помеѓу два камиони при што имало едно загинато лице. Но дезинформацијата следува подолу во продолжение кога во рамките на информацијата истата се надополнува со видео од местото на несреќата, кога бугарскиот новинар информира, односно дезинформира. Тој вели дека починат е шоферот кој управувал со камионот на кој има македонски регистерски таблици.
„Еден од камионите бил со македонски регистарски ознаки и превезувал санитарна опрема. Според првичните информации, камионот со македонски регистарски таблици застанал на лентата за итни случаи на автопатот, а до судирот дошло додека се обидувал повторно да се приклучи во движење“, стои во текстот на ТВ 21.
Со оваа дезнформација се прекршуваат неколку правила во новинарството. Најпрво сензационализмот во информирањето во случаи на несреќи, што предизвикува општа паника кај читателите. Со оглед на неодманешната трагична сообраќајна несреќа во Бугарија во која изгоре македонски автобус со 45 патници, ваквата непроверена информација кај јавноста буди егзистенцијален страв. Посебно кај оние читатели кои свои блиски имаат испратено на пат.
Првиот принцип и етичка вредност од Кодексот на новинари вели:
Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.
Во овој случај информацијата е само преземена, без за истата да се проверат точни и официјални информации од надлежните институции, во случај на жртва која е македонски државјанин, како што се тврди во текстот.
Во меѓувреме во македонската јавност немаше официјални информации од надлежните информации за тоа дека има жртва македонски граѓанин на автопатот „Тракија“, што значи дезинформацијата за неколку часа успеа со брзина на светлината да се прошири во македонските медиуми, иако првично беше информирано дека информациите се неофицијални.
Имајќи ја предвид спецификата на онлајн новинарството и реалната потреба од брзо објавување информации, онлајн медиумите сепак ќе водат и постојана грижа да не го нарушат основниот принцип на точно и објективно информирање, е исто така една од насоките за етичко известување на онлајн медиумите која е прекршена.
Онлајн медиумите ќе известуваат само врз основа на факти чие потекло му е познато на новинарот, повикувајќи се на различни извори на информации и, по правило, потпирајќи се на јасно идентификувани и веродостојни извори.
По неколку часа во медумскиот простор дописникот на Македонската информативна агенција од Софија, информираше дека загинатиот возач во сообраќајната несреќа не е македонски државјанин, односно загинатиот возач е државјанин на Црна Гора, а каминот што го управувал бил со црногорски регистерски таблички.
Ова е пример како и преземените информации од соседните земји, а ја засега и македонската јавност треба добро да се проверат пред да се објават, односно сензационализмот и потребата за брзо објавување на информацијата треба да почека, додека не биде потврдена од официјални лица и институции.
Објавениот текст, цел на нашата рецензија е типичен пример на манипулирање со луѓето преку давање и споделување неточни информации. Мисинформациите главно се однесуваат на погрешни информации чија цел е да доведат некого во заблуда, но тие се создадени или раширени без манипулативни или малициозни намери.