Пендаровски и Вјоса Османи засадија дрво како симболичен акт на пријателство – ММС
ММС

Објавено на: 12/15/21 12:36 PM

Пендаровски и Вјоса Османи засадија дрво како симболичен акт на пријателство

Специјално за ММС од Приштина, Теодора Новеска

Македонскиот претседател Стево Пендаровски и претседателката на Косово, Вјоса Османи, ја заокружија официјална средба со засадување на дрво кое симболично го означи актот на зацврствувањето на пријателството помеѓу двете соседни земји.

Токму взаемната поддршка и билатералната соработка меѓу двете земји беа во фокус на денешните разговори меѓу двајцата претседатели.

Ова всушност е и прва официјална посета на македонски претседател на Приштина, по тринаесет години независност. На заедничката прес-конференција по тет-а-тет средбата меѓу двајцата претседатели, Пендаровски рече дека земјиве се природно упатени да соработуваат меѓусебно, па тој ја истакнал неговата подготвеност за интензивирање на дијалогот на највисоко политичко ниво.

– Македонија ги поддржува евроатлантските интеграции на Косово и во тој контекст стоиме на располагање да ги пренесеме нашите искуства, како на патот кон ЕУ така и во однос на аспирациите за интегрирање во НАТО алијансата, истакна Пендаровски.

Косовската претседателка се заблагодари за поддршката која Косово ја добива од земјава во однос на евроинтеграциите и вели дека ваквата посета означува нови односи и соработка во повеќе сектори. Османи потенцираше дека Албанците во нашата земја се мост за поврзување на народите на двете земји.

 

Фото: Кабинет/ММС