Поранешна министерка за надворешни работи, сега пратеничка на ГЕРБ во бугарското Народно собрание, Екатерина Захариева остро го коментираше ставот на новиот премиер Кирил Петков, во неговото интервјуто за угледниот весник Фајненшл тајмс.
-Кирил Петков на тема Северна Македонија, едно зборува за западниот печат, а истото не се осмелува да го повтори пред бугарските граѓани. Не можам да разберам што точно вели. Читам бугарски, читам западен печат. Ги гледав коалициските разговори на оваа тема, зборуваат за работни групи, а во договорот (за добрососедство) има и меѓувладина комисија. Прво нека си ги појаснат позициите“, рече Захариева.
Таа најави дека ГЕРБ внимателно ќе ја следи новата влада да не отстапува од сегашната позиција на Бугарија за македонското прашање, а најави дека следната недела ќе постават и прашања на оваа тема во Собранието.
„Најпосле, условите се многу јасни и нашите партнери од Северна Македонија се согласија со нив, но веќе две години не ги почитуваат. Не може држава која претендира да стане членка на Европската унија да дискриминира, да им се заканува на луѓето со бугарска самосвест“, додаде Захариева.
Новиот бугарски премиер Петков во интервјуто вели дека сака нов, сеопфатен почеток на разговорите со Макеоднија.
-Ќе и предложиме нов процес на Северна Македонија, многу брз, со лимитирана временска рамка, долга само шест месеци. Ќе формираме работни групи за да најдеме решенија за прашањата од заедничката економска активност, инфраструктурата, културата и историјата, вели Петков за Фајненшл Тајмс.