Петмина директори на општинските јавни претпријатија се разрешени и на нивно место се именувани нови од страна на новиот градоначалник, Тони Коњановски.
Претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ, Пеце Милевски, е именуван за директор на ЈП „Водовод“, откако беше разрешен досегашниот, Горан Козаров. Со назначувањето на Милевски се ослободува едно место во општинскиот Совет, кој поради директорската функција се откажува од советничкото место. Уште еден советник, но од поранешниот состав ќе раководи со јавно претпријатие. Горан Степановски ќе раководи со најмладото градско јавно претпријатие, „Паркинзи“.
Во ЈП „Комуналец“ е најдено внатрешно решение и за директор е поставена Гордана Наумовска, која работи во Зеленило. Економистот Соња Карапашовска ќе раководи со ЈП „Пазари“ на местото на либералдемократот Владе Атанасовски. Со тоа, со битолските јавни претпријатија ќе раководат само кадри на ВМРО ДПМНЕ, со што не се даде можноста да се подели одговорноста со коалиционерите.
Останува уште да се случи промената во ЈП „Новоградба“.