Денеска во Министерството за одбрана на Македонија се одржа официјална средба меѓу министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерката за одбрана на Словенија, Андреја Катич.
На средбата беа потврдени партнерските и пријателските односи меѓу двете држави, како и соработката на полето на одбраната. Беше подвлечено дека поддршката на Словенија кон Македонија е континуиран процес кој ќе продолжи и во иднина. Министерката Шекеринска ја информираше Катич дека е активиран Планот за пристапни разговори со НАТО како и за претстојното референдумско изјаснување на граѓаните.
Шекеринска и Катич се согласија дека членството на Македонија во НАТО ќе се одрази позитивно на целиот регион и ќе ја афирмира посветеноста на НАТО и ЕУ за негово стабилизирање. На домашен план, беше речено, ќе ја консолидира демократијата, ќе го забрза економскиот раст и ќе ги подобри шансите за целокупниот развој на земјата.
„Денешната средба е и заокружување на успешното лето кое го имавме како држава, како Министерство за одбрана, со добивањето на НАТО поканата во јули. Македонија и Словенија се не само пријателски туку и слични држави, по територија и по население. Од моментот на нашата независност и Македонија и Словенија избраа ист пат, но со различна брзина. Словенија беше државата која што стана прва членка на НАТО и прва се приклучи на ЕУ. Не е случајно што денеска Словенија ги има највисоките просечни и минимални плати во регионот и најдобрите стандарди во областите кои што се важни за граѓаните – образование, здравство, наука”, истакна министерката Шекеринска.
Министерката рече дека примерот со Словенија е можеби најдобар показател за формулата за успех и за нас. „Македонија знае дека тоа е вистинскиот пат и убедени сме дека на 30 септември, граѓаните на референдум ќе потврдат, дека посакуваат таква иднина за себе за своите семејства, за своите деца, за својата држава”, рече Шекеринска.
Министерката за одбрана на Словенија рече дека целта на посетата е продолжување на политичкиот дијалог и зајакнување на соработката во одбраната. Катич го поздрави напредокот на Владата и посветеноста на реформите и рече дека членството во НАТО е клучен елемент за безбедност, стабилност, странски вложувања и економски развој кои водат до подобар живот на граѓаните.
„Референдумот е демократски институт за изразување на волјата на народот и затоа е важно граѓаните на Македонија да учествуваат на него. Ние, државите членки на НАТО се надеваме дека успешно ќе го поминете тој пат, после кој ќе седнеме заедно на иста маса со вас како полноправна членка на НАТО”, порача министерката Катич.
Во разговорите беше посочена и улогата на Канцеларијата на НАТО во Скопје предводена од словенечкиот морнарички капетан Горазд Бартол, која во изминатите години даваше постојана поддршка на Министерството за одбрана и на државата.
Министерките Шекеринска и Катич потпишаа Меморандум за разбирање кој ја опфаќа соработката на полето на обуки, вежбовни активности и размена на искуства. Со Меморандумот се уредени условите и процедурите за таа соработка, потпишување на годишни планови за тренинзи, медицинската грижа за војниците за време на тренинзите, финансиите за обуките, правните аспекти, заштита на човековата околина итн.