Томче Крстески од тетовско Долно Седларце, кој 13 години парче леб за своето семејство заработуваше на тротоарот наспроти градскиот зелен пазар, од понеделник треба да ги острани своите тезги и производи.
Од инспекторатот на Општина Тетово на него, но и на многу други земјоделци и трговци, им рекле дека тротоарите мора да се ослободат, а ако сакаат да продаваат, да закупат тезга внатре во самиот пазар.
-Внатре во самиот пазар нема доволно услови, а и таму не се знае дали е пазар или трговија на мало, се и сешто се продава, облека, галантерија. Затворен е и мали се шансите ние што сме ситни земјоделци некој да не види и купи од нас, а тука сите не знаат повеќе од 15 години сме и ќе не видат и ќе купат по некој килограм компир, гравче и слично, вели Томче за ММС.
Од Општинскиот инспекторат, посочија дека ако самите земјоделци и трговци не ги остранат производите и тезгитите, општината сама ќе ги острани.
Неговиот колега кој беше застанат веднаш до него продаваше костени. Вели, како да закупи тезга за само неколку недели, воопшто не е економски исплатливо.
-Јас продавам костени, мое производство. И сезоната е едвај еден месец. Како да закупам тезга, воопшто не се исплаќа. И не сум само јас што продавам тука сезонски производи, има и други кои се појавуваме еднаш во годината. Некои продаваат тикви, некои сезонско овошје и слично. Така да мислам дека треба да обезбедат некое место за нас, кои не сме преку цела година на пазарот како некои наши колеги, туку сме сезонски, изјави Реџеп Муслиу продавач на костени.
Од инспекторатот посочија дека акцијата доаѓа како резултат на блокирањето на тротоарите околу пазарот, кои го попречуваат слободното движење на граѓаните и поради нелојалната конкуренција.
-Во просториите на „Зелен пазар“ има 120 слободни работни места, па ги замолуваме сите продавачи да ја вршат својата дејност согласно законот, со влез во просториите на зелениот пазар. По истекот на рокот за отстранување на стоката до понеделник идната недела, доколку не ја извадат стоката, комуналното претпријатие ќе организира камион за транспорт на стоката до просториите на „Паркови и зеленило“, во присуство на општинскиот инспекторат, пазарниот инспекторат и полицијата. По отстранувањето на стоката, од понеделник, ќе продолжат да вршат постојани контроли за заштита на јавните површини, посочија од инспекторатот.
(З.Д.)