Дефинитивно ќе плаќаме поскапа струја, ЕСМ му понуди на ЕВН 41 евро на мгв.час, за 13,6 отсто повеќе од досега – ММС
ММС

Објавено на: 12/14/21 3:21 PM

Дефинитивно ќе плаќаме поскапа струја, ЕСМ му понуди на ЕВН 41 евро на мгв.час, за 13,6 отсто повеќе од досега

АД ЕСМ и ЕВН Хоум конечно ги испеглаа понудата и побарувачката. На петтиот тендер ЕСМ понуди 100 отсто од планираните потреби за електрична енергија за домаќинствата и малите фирми, за првите шест месеци од 2022 гдоина. Понудата изнесува 41 евро за мегават час електрична енергија и е за 13,6 отсто повисока од понудата што важеше за периодот јули-декември 2021 година.

Понудата на АД ЕСМ била единствена на денешните два електронски аукциски тендера (за 60 проценти и за 40 проценти од вкупните планирани потреби).

Според АД ЕСМ како најповолен понудувач, копанијата ќе ги покрие вкупните планирани потребни количини на струја за корисниците кои се снабдуваат од ЕВН Хоум, што значи дека нема да има увоз на скапа струја.

Купопродажна цена е за 13,6 отсто повисока од претходната која се однесуваше за периодот јули-декември годинава, кога АД ЕСМ понуди цена од 36,1 евро за мгвч за вкупните планирани потреби на ЕВН Хоум.

Така, се поизвесно е дека граѓаните ќе плаќаат поскапа струја од јануари, бидејќи струјата од ЕСМ учествува во крајната цена со над 40 проценти. А, во формирањето на крајната цена за потрошувачите, влегуваат уште и трошоците на ЕВН Хоум и на Електродистрибуција – фирми ќерки на ЕВН Македонија, потоа на Националниот оператор на пазарот на електрична енергија, на МЕПСО, како и цената на струјата од обновливите извори на енергија.

Конечните пресметки за тоа колку ќе плаќаат домаќинствата и малите снабдувачи, треба да ги каже Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, која во следните две недели има рок за да ги пресмета барањата на енергетските компании и да одлучи за процентот за поскапување.

Според досегашните најави од владини претставници, идните сметки за струја не треба да се повисоки  од 10 проценти во однос на сегашните.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, деновиве изјави дека регулаторите ќе ги намалат или целосно ќе ги укинат маржите или профитите на енергетските компании за поскапувањето на струјата на граѓаните да биде помало. Според него, нема да има рестрикции на струја, затоа што тоа нема да го реши проблемот со недостиг на домашна електрична енергија, туку може да направи проблеми во енергетскиот систем.

М.Т.