Евтини јајца, ориз и тестенини ќе јадеме до крајот на јануари в година – ММС
ММС

Објавено на: 12/14/21 2:19 PM

Евтини јајца, ориз и тестенини ќе јадеме до крајот на јануари в година

Владата ја проширува листата на производи кои ќе имаат непроменети цени во наредниот период, во услови на енергетска криза.

„Цените на оризот, јајцата и тестенините се замрзнуваат, односно за нив ќе важат цените кои се применувале во трговијата на мало и на големо од 1 декември годинава“, информира денеска министерот за економија Крешник Бектеши со објава на неговиота фејсбук профил. Одлуката ќе важи до 31 јануари 2022.

Тој додаде дека листата се проширува со овие три основни производи, со цел да се превенираат евентуалните нивни поскапувања, кои исто како и другите основни прехранбени производи, масовно се користат во исхраната на населението.

Дополнително, објаснува Бектеши, со замрзнувањето на овие цени, исклучени се цените на привремените попусти кои важеле на 1 декември.

Претходната одлука на Владата за замрзнување на одредени цени беше на 4 декември, на лебот, шеќерот, брашното–тип 400, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2.8, 3.2 и 3.5 отсто, свежото месо и сувомеснатите производи, сирењето и урдата, кои исто така ќе останат на истото ниво до крајот на јануари следната година. Тогаш од Владата најавија дека, ако има потреба, ќе се продолжи тој рок.