Дождот кој непрекинато врнеше речиси цел викенд во Штип освен што ја преполни реката Брегалница предизвика и одрон на карпите во делот под Исарот, по што се затвори и дел од пешачката патека.
Граѓаните додека не се среди ситуацијата ќе можат да се движат само до делот каде се наоѓаат справите за вежбање, а од таму па до почетокот на патеката во Ново Село, приодот ќе биде забранет поради можност од нови одрони.
– Во првата прилика кога стручни лица (геолози) ќе кажат дека патеката односно местото каде што е одронот не е опасно за работење, со посебна машина клукач ќе се обидеме да ги срушиме карпите кои се надвиснати со цел да ја ослободиме патеката за движење, вели директорот на ЈП Стипион, Игор Ефремов.
Одронот се случил синоќа околу 22 часот.