Веќе втора недела во објектите на стара медицина каде учениците од македонски наставен јазик следат настава, нема греење. Нафтата се потрошила уште во вторникот, децата премрзнале на минусни температури, па наставниот кадар одлучил да продолжат со учење, ама од дома онлајн.
Родителите велат дека речиси секој ден од раководството на Гимназијата Кирил Пејчиновиќ Тетово, добивале ветувања дека децата ќе се вратат на училиште и ќе учат во топли училници.
-Ние добивме информација од професорите дека од минатата недела нафта во објектите каде учат нашите деца нема. Професорите донесоа заклучок да се оди онлајн и секој ден се добиваше информација дека наредниот ден ќе стигне нафтата, ама ништо од тоа, истакна Синиша Серафимовски родител на средношколец од тетовската гимназија.
Од раководството на гимназијата, ни истакнаа дека нафтата е нарачано и утре или најдоцна на крајот од неделава, објектите ќе добијат греење.
-Нафтата била потрошена предвреме, оти еден од објектите каде се следи настава на македонски јазик во попладневните часови го користи спортската академија, тие се тука веќе 5 години. Ние нарачавме нафта, но можеби доцни, затоа што од компанијата каде што треба да ни ја донесат нафтата имаат мнагу нарачки и најверојатно не можат да постигнат, информираа од раководството на тетовската гимназија.
Ако резервите на нафта им биле при крај, зошто не реагирале навреме, не нарачале, за да избегнат застој во греењето, од раководството без конкретен одговор.
Во двата објекти на стара медицина ученици од тетовската гимназија веќе петта година следат настава на Македонски јазик. Во централниот објект на гимназијата каде учат средношколци од албански наставен јазик нема просторни услови за сите
Учениците изминативе десет години протестираа, бојкотораа, барајќи соодветно место за учење, а дел од наставата се одвиваше на градскиот плоштад, во салата на Советот на Општина Тетово како и во основни училишта.
Централните власти и сегашните и претходните, ветуваат изградба на објект во склоп на посточеката гимназија наменет за учениците од македонски наставен јазик, но од ветувањата нема никаква реализација на терен.
Зоран Димовски