Прв смртен случај од омикрон варијантата во Британија – ММС
ММС

Објавено на: 12/13/21 2:02 PM

Прв смртен случај од омикрон варијантата во Британија

Британскиот премиер Борис Џонсон потврди дека најмалку еден пациент починал со омикрон варијанта.

-Заразените со омикрон завршуваат во болница и за жал, потврдено е дека барем еден пациент е починал, рече Џонсон.

Според него, иако се смета дека ова е поблага варијанта, евидентно е дека забрзано се шири меѓу населението.

-Најдоброто нешто што можеме да го направиме е сите ги добијат бустер вакцина, рече Борис Џонсон.

Министерот за здравство Саџид Џавид за „Скај њуз“ изјави дека „околу 10 луѓе моментално се во болница со новата варијанта омикрон“.

Во неделата, Велика Британија пријави 1.239 случаи на варијантата омикрон, што е највисок дневен пораст и речиси двојно поголем од претходниот максимум забележан во саботата. Вкупниот број на случаи на оваа варијанта сега изнесува 3.137.

На денешната прес конференција премиерот Џонсон ја исклучи можноста за воведување дополнителни мерки и ограничувања пред Божиќ.