Текст стар три години реобјавен од портал искористен за напад врз министерката Царовска – ММС
ММС

Објавено на: 12/13/21 1:36 PM

Текст стар три години реобјавен од портал искористен за напад врз министерката Царовска

Практиката да се употребуваат стари текстови и стари изјави уште еднаш исплива во македонскиот медиумски простор и се вброи во множеството новинарски прекршувања, при што реобјавувањето најчесто е тенденциозно да наштети на одредена личност или политика на институција, организација, влада.

Текстот под наслов: „Царовска: Според статистичката пресметка четиричлено семејство може да го помине месецот со 17.000 денари“ од 10.11.2019 година повторно е реобјавен со датум од 11.11.2021 година, но деновиве стана актуелен откако е споделен на социјалните мрежи.

Изјавата на министерката за образование и наука, Мила Царовска, дадена за емисијата „Детектор“ на Сител, која повеќе не се емитува е пренесена во овој текст. Министерката во 2019 година го води ресорот труд и социјална политика, зборувајќи за месечните потреби на едно просечно семејство, во емисијата ги споменува „Лајкин индикаторите“, кои се збир на заеднички европски статистички индикатори за сиромаштијата и социјалната исклученост, утврдени на Европскиот совет.

„Многу е субјективно за да може да кажеме колку би изнесувала. „Лајкин индикаторите“ кажуваат колку е. Вас ви требаат 203.700 денари на годишно ниво, четиричлено домаќинство со две деца до 14 години двајца возрасни. И тоа е речиси до минимална плата на месечно ниво. Тоа е како една пресметка. Ако одиме на синдикалната кошничка таа вели 32.000 денари, а тоа е два пати по ова што е тука пресметано. Но ако велиме квалитет на живот кој што значи се што ни недостига и се што одредено семејство би требало и сака да го прави, таа може да оди многу повеќе. Но, не можеме да дискутираме и да креираме политики врз база на претпоставки. Сепак оние бројки кои што ги пресметува или синдикатот или Статистика како „Лајкин индикатор“ треба да се основа за креирање на политики“ – Вели Царовска за „Детектор“, пренесува порталот.

Проблематичниот дел беше креирањето на наслов во повеќе портали, како споменатиот и цитатот што е погрешно издвоен, дека Царовска рекла дека четиричлено семејство може да го помине месецот со 17.000 денари.  Министерката тогаш напиша дека „насловите подолу кои ги вадат порталите се целосно извртување на вистината“.

„Во емисијата Детектор споделувам индикатор објавен минатата недела од Државниот завод за статистика, а не изразувам мој став. Во текстот подолу ја има целата изјава во која цитирам два извора кои објавуваат потребна сума на пари за живот во текот на месецот“, напиша Царовска (10.11.2019 година).

Реобјавувањето на текстовите со погрешниот цитат деновиве, повторно го предизвика гневот на корисниците на социјалните мрежи, кои ја повикаа Царовска таа да го „поминува месецот со 17.000 денари“, друг смета дека „нема да и’ стигнат ни за шминка“, а трет споделува принтскрин од уште постара објава, каде се пренесува изјава на поранешниот премиер Никола Груевски за минимална плата од 10.800 денари и коментира: „Еве одма понудено решение да го вратиме претседателот“.

Точноста во работата на медиумите е основниот принцип врз кој се базира нивната работа. Од друга страна, незаземањето страна во известувањето, е исто така, важен принцип и алатка во демократизација на општеството. Во публикацијата „Известување во интерес на јавноста – Заштитата на етичките принципи на известувањето низ работата на Комисијата за жалби и поплаки“ на Советот за етика во медиумите(СЕММ), пишува:

„Точноста е стар принцип колку што е и новинарството, односно врз тој принцип почива новинарската професија. Информациите што се пренесуваат преку медиумите треба да бидат соодветни со реалноста, значи треба да се вистинити, па затоа е многу важно да бидат проверени од најмалку два извори, кои се меѓусебно независни. Оттаму, новинарите имаат право да бараат информации, да ги објавуваат, но и критички да ги анализираат. Информацијата треба да биде точна и проверена. Секој елемент на веста (извештајот, прилогот) мора да биде точен: настаните, датумите, местата, цитатите и слично. Една грешка за еден факт може да фрли сенка врз целиот новинарски текст“.

Во „Насоките за етичко известување во онлајн медиумите“, во толкувањето на Кодексот на новинари се вели:

„Онлајн медиумите нема да прикриваат или премолчуваат важни информации чие објавување би можело да влијае врз толкувањето или разбирањето на содржината на извештајот од страна на читателите. Премолчувањето на фактите кои можат битно да влијаат врз формирањето на ставот за некој настан или личност е еднакво на намерно искривување на реалноста и создавање дезинформации“.