На 17 декември, Меѓународен ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници, СТАР – Прв Колектив на сексуални работници на Балканот, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Коалиција Маргини, во рамки на овогодинешната кампања, ќе го одржат четиринаесеттиот по ред Марш на црвените чадори.
Маршот ќе се одржи во Скопје и ќе започне во 12 часот, пред платото на спомен куќата на Мајка Тереза, а ќе заврши на плоштад „Филип II“.
„Со овогодинешната кампања, повторно ќе ставиме акцент на потребата од декриминализација на сексуалната работа како најдобра правна рамка за унапредување на човековите, работничките и здравствените права на сексуалните работници, како и итноста од донесување нова правна рамка за регулација на сексуалната работа во Република Северна Македонија“, стои во соопштението на Стар-Стар-Скопје.
Додаваат дека сексуалните работници и нивните семејства зависат од сексуалната работа која за многумина е примарен извор на приходи, а во услови кога сексуалната работа не е правно регулирана и признаена како дејност, со ковид кризата тие не се во можност да ги користат економските мерки од државата, што влијае врз нивната општа благосостојба.
„Сексуалната работа е препознаена како најстарата професија на светот, а државата одбива да го признае трудот на најстарите работници на светот. Затоа, сакаме да ја истакнеме потребата од итно донесување на соодветен модел за регулација за сексуалната работа во Република Северна Македонија, и да ги прашаме надлежните институции: ДЕКРИМИНАЛИЗАЦИЈА- КОГА?“, стои во соопштението.