Правејќи подвиг кој многумина го поздравија, дванаесетгодишниот Марко Пејчиноски вчера го преплива Охридското Езеро.
Тинејџерот вчераутрото во 9 часот и 30 минути тргна од Св. Наум, а на градско пристаниште пристигна околу 18 часот и 15 минути.
„Не очекував дека ќе биде олку лесно. Сега, откако пристигнав на целта чувствувам замор, а во водата на Охридското Езеро ми беше супер“, беа првите зборови на Марко после пристигнувањето на градското пристаниште, објави порталот Охрид Њуз.
Тинејџерот кој победи во борбата со брановите и неповолните временски услови, не беше спречен од здравствените проблеми предизвикани од инфарктот на коска на долните екстремитети, да се вброи меѓу најмладите кои успеале да го препливаат Езерото.
При пристигнувањето на пристаништето, Марко беше пречекан од стотици луѓе кои му аплаудираа за херојскиот чин.
Подвигот на овој тинејџер, го поздрави и Агенцијата за млади и спорт.
Фокусот на Агенцијата за млади и спорт се младите. Тие се иднината на секоја земја, а нивните спортски остварувања предуслов за високи остварувања. Му посакуваме голем успех во иднина но посебно во пливањето како спорт – објавија од Агенцијата.