Војниците ќе се опремат со спортски маици и гаќи, МО ќе плати 390.000 евра – ММС
ММС

Објавено на: 12/13/21 11:46 AM

Војниците ќе се опремат со спортски маици и гаќи, МО ќе плати 390.000 евра

За 8.000 комплети спортски маици со кратки ракави,  со долги ракави и спортски гаќи за војниците, Министерството за одбана ќе плати речиси 390.000 евра на компанијката „АРМОР ПЛУС“ од Скопје. Договорот е склучен пред неколку денови, а компанијата се обврзува дека нема да има отстапки од квалитетот кој го побарало министерството.

Комплетите се од производителот  „ЕРРЕА СПОРТ СПА“ од Италија, а еден чини по 2.540 денари плус ДДВ. Компанијата треба да ги испорача во рок од 150 дена откако ќе добие преглед за големината на комплетите и писмен документ за утврдена местоположба на ознаката „единствен знак за припадност на Армијата“, а во тој рок не се смета времето потребно за контрола на квалитетот и квалитативниот прием.

Со техничката документација се барало и потврда за квалитетот на спортските комплети кој за компанијата го изработил  „ЦИС Институтот“ од Белград.

И за спортските маици со кратки и тие со долги ракави како и за спортските гаќи Министерството за одбрана барало да доминираат со современ и модерен дизајн. Сите треба да се од полиестерски материјал и изработени по технологија која овозможува брзо да се суши, а целта била „телото на корисникот да биде суво и да се чувствува удобно.“

За маиците со кратки и долги ракави се барало под пазувите да има странични панели за „дишење“ со цел евапорација на потта. Тие треба да бидат во жолта и црна боја. Додека пак спортските гаќи треба да се во црна боја.

Министерството за одбрана бара и на комисијата за контрола на квалитет да и бидат доставени и сертификатите за извршено лабараториско испитување. Сертификатот треба да се однесува на примерок од подготвената количина за испорака и да биде издаден од акредитирана лабараторија.

(А.С.)