Мицкоски реизбран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ – ММС
ММС

Објавено на: 12/12/21 7:31 PM

Мицкоски реизбран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ денеска, на 17. редовен партиски конгрес, го реизбра Христијан Мицкоски за претседател. Тој беше и единствениот кандидат за лидерската позиција, а доби поддршка од 489 делегати.
Од присутни 493 делегати, гласале 492 од кои 489 за Мицкоски. Имало и три неважечки ливчиња.
На конгресот под мотото „Нова генерација за нова иднина“, ВМРО-ДПМНЕ најави нова доктрина и кадровски освежувања.

Мицкоски го доби првиот претседателски мандат во партијата пред четири години, на 23 декември 2017-та, кога на 16. конгрес во Валандово беше поддржан од 376 делегати. Тој е доктор по технички науки и професор на Машинскиот факултет во Скопје. Беше претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕЛЕМ, а во однос на партиските активности извршувал повеќе функции – бил претседател на кадровската комисија на ВМРО-ДПМНЕ, дел од Републички изборен штаб на изборите 2011, дел од Републичкиот изборен штаб ИЕ4 на изборите 2008, 2014, 2016, член на конгресот на партијата во 2003 кога за претседател е избран Никола Груевски, како и член на конгресот во 2015 година.