Спорот со Бугарија може да стане замрзнат конфликт-оцени министерот Османи – ММС
ММС

Објавено на: 12/11/21 10:01 PM

Спорот со Бугарија може да стане замрзнат конфликт-оцени министерот Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи е оптимист дека Првата меѓувладина конференција со ЕУ би можела да се одржи и на 31 декември, доколку Бугарија дотогаш го тргне ветото. Во спротивно стравува дека спорот може да премине во замрзнат конфликт, а РСМ да стане изолирана во европските перспективи. Тоа нагласи тој, не е добро ниту за двете земји, ниту за регионот воопшто.
„Доколку добие сигнал од Бугарија дека го подигнува ветото, дури и на 30 декември словенечкиот министер за надворешни работи може да свика онлајн состанок на министрите и да се одобри и истиот ден да се одржи меѓувладината конференција. Важно е да ги држиме роковите кратки. Мојот страв е дека доколку овој спор премине во замрзнат конфликт, РСМ ќе стане изолирана во европските перспективи“, изјави Османи во Тема на денот на Сител.
Тој оцени дека, во услови кога Германија цел период беше на прва линија за да се деблокира процесот, сега е тука и Франција, затоа мора да се внимава на ризикот од изолирање на земјата и влегување во замрзнат конфликт, но и зачувување на суштинските интереси на граѓаните.
За работата на историската комисија, Бугарија барала поголема предвидливост во нивната работа, односно да не се стопира работата на Комисијата. „Јас сметам дека треба малку посуштински да го разгледаме пристапот кој го има овој процес. Малку е вероајтно оти Комисијата може да постигне договор или да се усогласи по сите прашања. Затоа, треба да се остави можноста да кохабитираат различни видувања или интерпретации по однос на одредени случувања, личности, настани и историски периоди“, рече Османи.

(МИА)