На денешен ден пред 75 години беше основан УНИЦЕФ (Меѓународниот фонд за деца при ОН), со цел да одговори на критичните потреби на децата чиј живот беше уништен од Втората светска војна. Предизвиците со кои се соочуваат децата денес бараат од нас да ја преосмислиме иднината за секое дете да има подобро детство, подобра иднина и поправедна шанса, велат од УНИЦЕФ, од каде порачаа дека на владите, дарителите и другите организации и во следните 75 години, мора децата да им бидат на прво место за инвестиции и акција.
Децата денес, покрај кризата со КОВИД-19, се наоѓаат и во образовна криза, климатски промени, широко распространети социјално-економски предизвици, растечка сиромаштија и нееднаквост.
„Оваа недела, УНИЦЕФ започна студија за мултидимензионалната детска сиромаштија во Северна Македонија, истакнувајќи дека лишеноста од образование, ран детски развој, исхрана, безбедност, љубов и грижа се меѓу првите 5 фактори што придонесуваат за мултидимензионалната детска сиромаштија“, додаваат од УНИЦЕФ.
Првата помош што на УНИЦЕФ беше во август 1947 година за децата од земјава, во рамки на Југославија. Беа донирани облека, чевли, сапун и други материјали. Во педесетите години, УНИЦЕФ соработуваше со владата за подобрување на снабдувањето со млеко, кога се увезе опрема за поддршка на националниот план за конзервирање на млекото, со што, над 800.000 деца и мајки добиваа безбедно, здраво млеко, бесплатно или по многу ниска цена.
Во 1957 година, УНИЦЕФ започна иницијатива за формирање на националниот Завод за здравствена заштита на мајки и деца во Скопје, во 1963 година ги поддржа напорите за помош по трагичниот земјотрес во Скопје.
Од 1993 година – кога отвори канцеларија во земјата – УНИЦЕФ беше меѓу првите што обезбедуваа поддршка за децата во време на криза и работеше со партнерите за секое дете да ги ужива сите права. „Поддржавме реформи за јакнење на системот, со што се намали смртноста на децата под пет години, повеќе деца да одат на училиште, секое дете во земјата да живее во семејна средина, но поддржавме и надежни меѓусекторски реформи за крај на исклучувањето и за заштита на децата од насилство и злоупотреба“, истакнаа од УНИЦЕФ.