Се делат првите 100 пасоши на РСМ преку амбасадата во Лондон, информира МВР – ММС
ММС

Објавено на: 12/11/21 10:06 AM

Се делат првите 100 пасоши на РСМ преку амбасадата во Лондон, информира МВР

Во процес на врачување се првите сто биометриски пасоши на Северна Македонија, издадени преку амбасадата во Лондон. Воспоставувањето на базна станица во амбасадата го поедностави и скрати процесот на три недели, информира Министерството за надворешни работи.
„Нашите граѓани кои живеат и работат во Англија, Шкотска, Велс или Северна Ирска од сега можат да ги обноват своите пасоши на многу поедноставен, поефикасен и побрз начин. Првичните впечатоци и реакции од сите кои ја посетија амбасадата изминативе четири недели се позитивни. Тоа е предизвик за тимот на амбасадата да продолжи и натаму да биде ефикасна служба во корист на граѓаните“, изјави македонската амбасадорка во Лондон, Александра Миовска.
Од МНР информираат дека целта на проектот за базни и мобилни станици во македонските дипломатски и конзуларни претставништва е исполнување на потребите на дијаспората, која со години наназад се жали за бавно издавање на патни исправи.
Претходно, постапката на стекнување со нова патна исправа за македонската дијаспора во Обединетото Кралство траеше четири до шест месеци.

(МИА)