Бараме јаглен од Косово, но не се знае кога ќе ни дадат- Бектеши и Зенку договорија меморандум за разбирање – ММС
ММС

Објавено на: 12/10/21 2:50 PM

Бараме јаглен од Косово, но не се знае кога ќе ни дадат- Бектеши и Зенку договорија меморандум за разбирање

Министерот за економија Крешник Бектеши и заменик- директорот на АД ЕСМ, Имер Зенку остварија средба со министерката за економија на Косово, Артане Ризваноли и директорот на Косовската енергетска корпорација (КЕК) Нагип Красниќи.
Тема беше можноста за набавка на јаглен од Косово за потребите на Северна Македонија за зголемување на домашното производство на струја.
Беше договорено во наредниот период да се потпише меморандум за разбирање меѓу двете земји со кој ќе се обезбедат потребните количини јаглен за непречено производство на електрична енергија за домашните енергетски капацитети.
Бектеши изјави дека секоја криза бара соработка и дека двете страни се заинтересирани за натамошно продлабочување на соработката во иднина.
„Многу сме заинтересирани да ја продлабочиме соработката во однос на набавка на јаглен од Косово за потребите на функционирањето на термоцентралите, бидејќи ни се ограничени капацитетите на експлоатација. Имајќи предвид дека Косово има значителни резерви, сметаме дека тимовите треба да изнајдат решение вин-вин, и за Косово, но и за Северна Македонија. На тој начин да се зголеми соработката, не само со увозот на јаглен, туку и во однос на пазарот на електрична енергија за двете земји“, рече Бектеши.
Според Ризваноли, факт е дека сите земји се соочуваат со енергетска криза. „Ќе видиме што можеме да направиме, за да си помогнеме. Уверена сум дека придобивките ќе бидат двострани, очекувам да бидеме коректни во преговорите и да вложиме напори за полесно да ги надминеме ефектите од оваа криза”, кажа Ризваноли.

извор и фото: МИА