„Министерствата за: здравство, за транспорт и врски, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за труд и социјална политика, МВР, особено Одделот за внатрешна контрола и криминалистички истраги, Управниот, Врховниот суд, Основниот граѓански суд Скопје, Јавното обвинителство, ЈО за гонење организиран криминал и корупција, ОЈО Охрид, Кичево и генералниот секретаријат на Владата, Управата за водење матични книги, Државниот завод за статистика, Град Скопје, општините Берово, Кочани, Тетово, Битола, неколку јавни претпријатија комунални и државни, се органи кои или соработуваат со постојано наше инсистирање или воопшто не одговараат по интервенциите на Народниот правобранител, а најчесто доставуваат формални одговори кои не овозможуваат ефикасна заштита на правата на граѓаните“. Ова го изјави Народниот правобранител Насер Зибери, на денешната прес конференција по повод 10 декември, Меѓународен ден на човековите права, образложувајќи го Извештајот од спроведената анализа.
Од јануари до август 2021 година, според анализата, до Канцеларијата на Народниот правобранител стигнале 1760 претставки, од кои за 1097 омбудсманот отворил постапки и презел дејствија. Или во проценти, 62,32 отсто, по што преземени се 1417 дејствија кон органи на државната власт, единици на локална самоуправа, органи и организации со јавни овластувања.
При тоа, по 116 дејствија воопшто не е одговорено. Во однос на добиените одговори 1062 се целосни и ги содржат бараните информации или 74,95 посто, додека 232 одговори или 16,88 посто се неформални, несуштински.
Правосудството, како што нагласи Зибери, е област која традиционално е на врвот на листата на поднесени претставки од граѓаните. Во периодот кој беше предмет на опсервација на анализата, примени се вкупно 300 претставки, најголем број се однесуваат на работата на судовите, 49 претставки, а потоа се извршителите со 31 претставка. Втора област каде е голем бројот на претставки се потрошувачките права и во дадениот период се примени 163 претставки, за 120 од нив се преземени вкупно 140 дејствија. Во областа работни односи примени се 146 претставки, при што преземени 72 дејствија. За правата на детето се примени 153 претставки, се постапувало по 129 од нив, а преземени се 233 првични дејствија.