Толку ги нема, што скопјани веќе и заборавиле како треба да изгледаат. Јавните тоалети во главниот град ги има само три на број, официјално, иако може на прсти да се избројат деновите кога се тие достапни за граѓаните, затоа што претежно се под клуч и работат најмногу во текот на летните месеци.
Од кои приичини, нема објаснување од надлежните. Хигиенските услови во нив и опременоста, ако некој имал прилика да ги посети, се друга приказна.
Така, скопјани, но и туристите, со години наназад додека шетаат низ центарот на градот, паркот, Старата чаршија, на кејот на Вардар, на Кале, Водно…, немаат каде да се „олеснат“, да измијат раце, жените да се погрижат за менструална хигиена, па дури нема каде да се поврати, освен крај некое дрво или друго место скришно од минувачи.
Кафулињата, рестораните и тоалетите во моловите се единствените, алтернативни места каде може да се заврши било каква физиолошка потреба. За оние со одредени здравствени проблеми, кои навистина имаат потреба од често користење на тоалет, состојбата е уште покритична. Во суштина секому може да му затреба тоалет во некој момент додека е надвор од дома, а и секому се случило тоа.
За жал, во Скопје, градот со над 600.000 жители, има само три јавни тоалети, поставени во „минатите мандати“. Два се лоцирани во градскиот парк, а еден е под мостот „Гоце Делчев“. За нив се „грижи“ односно ги одржува, ЈП „Паркови и зеленило“, ни одговорија од Град Скопје.
„На средбата со кандидатите за градоначалници на Град Скопје како и со градоначалниците на скопските општини, беше наметнато ова прашање за поставување на нови јавни тоалети кои се од јавен интерес и по изнаоѓање на соодветно решение ќе започне постапка за реализација“.
Ова беше кусиот одговор што ММС го доби од Град Скопје, на само едно, од повеќето поставени прашања: кога се изградени јавните тоалети во Градот; колку од нив функционираат и се одржуваат; колкава е потребата за зголемен број на јавни тоалети, со оглед на бројот на жители; какви се плановите на Градот за решавање на овој проблем со нивниот мал број и зошто тие не се остварени досега и колкава е таа инвестиција.
„Често доаѓам во Скопје поради службени обврски во центарот на градот. Забележав дека нема јавни тоалети, освен во трговските центри. Не одиме сите на шопинг секојпат кога доаѓаме во главниот град. Се сеќавам дека имаше јавни тоалети под мостот Гоце Делчев, но сега и тие се нефункционални. Срамота е град со повеќе од 600.000 жители да не нема јавен тоалет“, вели Г.О.од Битола.
И така, додека градските власти се подготвуваат допрва да бараат и да изнајдат „соодветно решение“ за овој проблем, кој е во сечија изборна програма на градоначалниците и ветување, да не одиме подалеку. Еве како е во поблиското соседство, во Белград и во Софија.
Во главниот град на соседна Србија, Белград, има 20 јавни тоалети кои се под ингеренција на ЈКП Зеленило-Белград. Најмногу се лоцирани на Калемегдан, во Академскиот парк, кај Народниот театар, подземните премини кај палатата Албанија, Зелен Венец, Нушиќ улица, Цветниот плоштад, паркот Ташмајдан, на Гробиштата на ослободителите, во Манјеж, кај храмот Свети Сава, во парковите Караѓорѓе и Чубура… Белграѓани се жалат на лошата состојба на тоалетите, според тамошни медиуми, но сепак, пред неколку години за нивна реконструкција биле издвоени 70.000 евра.
Во Ниш има 5, во Нови Сад и Суботица по 2, во Крушевац и Шабац по еден.
Во Софија има 24 јавни тоалети и повеќе мобилни по парковите, како и во скоро секој друг град. Во Стара Загора со околу 300 илјади население, има 2, а во Хасково со околу 200 илјади жители, има 4 јавни тоалети. Ќустендил со околу 100 илјади граѓани, има еден јавен тоалет, Бургас 6, Хасково 4, а во Варна има 17 јавни тоалети дадени под концесија на 15 години, за што концесионерот и плаќа на општината 10.000 евра годишно.
Повеќето од јавните тоалети во државата се дадени на странски фирми во 2002 година, со цел да се модернизираат и да станат подостапни за граѓаните.
Јавни тоалети низ европските метрополи има од 19 век
Јавните тоалети во нивната сегашна форма во Европа почнаа да се користат во средината на 19 век, иако нивната употреба датира од минатото. Во времето на антички Рим тие биле дел од санитарниот систем, најчесто сместени во јавните бањи-терми.
Во средниот век тие биле необична појава, иако не и за Османлиите кои во 1530 година, тие го изградиле првиот јавен тоалет пред џамијата во Отоманско Сараево, кој се користи и денес.
За основач на модерниот јавен тоалет важи сер Џон Харингтон во 1596 година, а столарот Александар Камингс се смета за пронаоѓач на тоалетот со вода за плакнење, во 1775 година. Некои извори тврдат дека таков тоалет во Персија бил дизајниран уште во 1000 година п.н.е.
Во секој случај, јавните тоалети влегле во поширока употреба дури во 19 век. Во првата половина на 19 век сите поголеми европски градови почнале да градат јавни тоалети, прво Париз, потоа Берлин и Лондон, а потоа и сите други европски метрополи.
Маја Томиќ
Фото: Вангел Тануровски