Продолжуваат игрите со купи-продај струја, ЕСМ и по четврти пат не достави понуда за продажба на струја на ЕВН – ММС
ММС

Објавено на: 12/9/21 2:10 PM

Продолжуваат игрите со купи-продај струја, ЕСМ и по четврти пат не достави понуда за продажба на струја на ЕВН

Продолжува неизвесноста, колку струја недостига во државава од домашно производство и дали ќе биде доведена во опасност снабденоста на домаќинствата и малите фирми. АД ЕСМ повторно на тендер не достави понуда до универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, затоа што одлуката од Владата во однос на препорачаната цена и на количините на струја била за шест месеци, а тендерот на ЕВН Хоум за набавка на струја е за 12 месеци, соопштија од АД ЕСМ.

„Одлуката од Владата во однос на препорачаната цена и количини на електрична енергија со кои АД ЕСМ треба да се јави на тендерот на ЕВН Хоум за 2022г. се однесуваат на 6-месечен период, додека актуелниот тендер на ЕВН Хоум е распишан за 12 месечен период. Од тие причини, АД ЕСМ денеска не поднесе понуда“, стои во соопштението од АД ЕСМ, од каде додаваат дека ќе се јават на следниот тендер на ЕВН кој би требало да биде за периодот јануари-јуни 2022 година.

Според вчерашната изјава на министерот за економија Крешник Бектеши, цената на струјата од наредната година нема да се зголеми повеќе од 10 проценти. И министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека ќе има зголемување на цената, но тоа ќе било минимално. Колку ќе изнесува новата цена на киловат-час струја, ќе биде олдука на Регулаторната комисија.

Инаку, ова е четврти по ред тендер на ЕВН за набавка на електрична енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи, на кој ЕСМ не достави понуда. Според познавачите на состојбите, на последниов тендер ниту една компанија не доставила понуда, па ќе има повторно нов јавен повик. Очигледно, главната причина што  ЕСМ не доставува понуди е што не може да ги обезбеди потребите од струја за 12 месеци од наредната година, како што бара ЕВН, од едноставна причина што нема толкави произведени количини, туку тие се доволни за само неколку месеци.

Васко Ковачевски, директорот на АД ЕСМ деновиве изјави дека компанијата има донесено одлука да испорачува, наместо 60 отсто, 100 проценти од продиведената електрична енергија во 2022 кон ЕВН ХОУМ, што би значело дека ЕВН  нема да набавува дополнителни количества струја која на берзата има многу повисока цена.

Марко Бислимовски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, во „Утрински брифинг“ изјави дека до крајот на оваа година цената која што ЕСМ ја нудеше на ЕВН Хоум изнесуваше 36 евра за мегават час. „Со овие цени не може да се покријат трошоците за работењето… Со оваа цена Владата има своја определба да има помал трошок и да ја држи ниска крајната цена за потрошувачите. Доколку ЕСМ понуди повисока цена од сегашната за десет проценти, тоа ќе значи дека на крајната цена ќе се одрази со 5 проценти“, изјави тој.

М.Т.