Растот на БДП годинава ќе биде 4,1, а в година 4 отсто, прогнозира „Фајненс тинк“ – ММС
ММС

Објавено на: 12/9/21 12:15 PM

Растот на БДП годинава ќе биде 4,1, а в година 4 отсто, прогнозира „Фајненс тинк“

Во третиот квартал од 2021, БДП се зголеми за 3 отсто на годишна основа, како резултат на консолидацијата на економските текови и имунизацијата. Сепак, овој раст е остварен на ниска споредбена основа од третиот квартал од минатата година, во кој економијата се намали за 5.1 отсто, објави Finance Think во Макроекономскиот монитор К3 2021. Институтот за економски истражувања и политики, „Фајненс тинк“, ја задржува проекцијата за раст на БДП во 2021 на 4,1 отсто, додека за 2022 се предвидува тој да изнесува 4 отсто.

Според дејности, забележлив е падот на преработувачката индустрија од минус 5,8 отсто, поради  неизвесности во глобалната и домашната економија од растечкото влијание на делта сојот од Ковид-19 и забавувачкото темпо на имунизација кон крајот од кварталот. Според тоа, и бруто инвестициите се задржаа на нивото од пред една година (0,4 отсто), додека извозот и увозот забележаа забавен раст (4,1 отсто и 2,7 отсто). Јавната потрошувачка порасна за 4,9 отсто, што е особено висок раст во контекст на намерата за фискална консолидација, но е во линија со продлабочувањето на буџетскиот дефицит со јулскиот ребаланс на буџетот (од 4,9 отсто на 6,5 отсто од БДП.

Во третиот квартал од годинава евидентно е понатамошното губење работни места во преработувачката индустрија (околу 3,000 во однос на К2-2021), стагнацијата кај угостителството (ист број работници) и консолидацијата во транспортот (креирани 6,500 работни места) и трговијата (3,800).
„Неизвесноста во економијата остана и во четвртиот квартал од 2021 со тековниот бран од пандемијата, забавувањето на темпото на имунизација и појавата на нови соеви на вирусот. Дополнително, се зголемија притисоците од растечките цени на храната и енергијата, кои се очекува да бидат присутни и во текот на 2022“, анализира Институтот.