Граѓаните со потпросечни плати задолжени до гуша – Најмногу од корисниците на кредит се со плата до 25.000 денари – ММС
ММС

Објавено на: 12/15/21 10:00 AM

Граѓаните со потпросечни плати задолжени до гуша – Најмногу од корисниците на кредит се со плата до 25.000 денари

Граѓаните со потпросечни плати во земјава се најзадолжени – во кредити се гушат и тие со плати до минималната од 15.000 денари- покажува статистиката на Народната банка.

Така, над 40 проценти од кредитите кои банките ги даваат на домаќинствата во земјава се кај лица со плата до 15.000 денари. Податоците покажуваат дека 4,2 проценти од кредитокорисниците чија кредитна изложеност е 0,1 процент не дале податок за плата. Други пак, 17,2 од вкупните корисници на кредити во земајава, чија кредитна изложеност е 3,6 проценти земаат плата половина од минималната- или до 7.000 денари. Додека пак на 20 проценти од кредито-корисниците физички лица чија кредитна изложеност е 8,9 проценти се со плати под минималецот- или месечно земаат од 7.000 до 15.000 денари.

Ако на оние 41,4 проценти на лица со плата до 15.000 денари се додадат уште 30,7 проценти на кредитокорисници кои се со плата до 25.000 денари, излегува дека над 72 проценти од кредитите кои банките ги издаваат на физичките лица се кај граѓани со плати под просечната, односно до 25.000 денари.

Податоците на Народната банка покажуваат дека 23,1 процент од задолжените граѓани чија кредитна изложеност е дури 17,5 проценти, се со плати од 15.000 до 22.000 денари, 7,6 проценти пак, се со плати од 22.000 до 25.000 денари, а нивната кредитна изложеност е 7,3 проценти.

Групата со плати од 25.000 до 30.000 денари ја сочинуваат 10 проценти од кредитокорисниците, а нивната изложеност е 11,9 поценти. Сепак и 12,4 проценти од корисниците на кредит се лицата со примања од 30.000 до 50.000 денари, а ниванта кредитна изложеност е високи 25,3 проценти.

Статистиката на Народната банка покажува дека сепак помал е процентот на учество во вкупните кредити за физичките лица, на лицата со над 50.000 денари плата. Така, тие со плати од 50.000 до 100.000 денари сочинуваат само 4,5 проценти од сите кредитокорисниси во земјава, а нивната кредитна изложеност е 17,7 проценти. Додека пак граѓаните  со месечна заработувачка од над  100.000 денари се само 1,1 процент од сите физички лица на кои банките им издале кредит. Нивната кредитна изложеност е 7,8 проценти.

(А.С.)